Иницијативата за Северни шуми го одбележа својот успешен завршеток со регионален настан посветен на обновувањето на шумите во Албанија и Северна Македонија. Овој значаен собир ги прослави постигнувањата на проектот во намалување на деградацијата на шумите и зајакнување на одржливото управување со шумите низ Западен Балкан.
Настанот собра над 40 засегнати страни – меѓу кои владини претставници, локални власти, партнери во спроведувањето и експерти за заштита на природата – и ја истакна клучната улога на обновувањето за природата и заедниците. Дискусиите нагласија како решенијата засновани на природата придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот, зголемување на климатската отпорност и поддршка на локалното население.
Проектот „Иницијатива за северни шуми – Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“, започнат во 2023 година, се фокусираше на намалување на загубата на шуми преку обновување на приоритетни предели, градење институционален капацитет и промовирање одржливо управување со шумите во двете земји. Проектот беше спроведен од Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN-ECARO) во партнерство со организациите ППНЕА (Заштита и зачувување на природната средина во Албанија) и МЕД (Македонско еколошко друштво), а поддржан од Фондацијата на Шведската поштенска лотарија. Иницијативата постави пример за прекугранична соработка во обновување на шумските предели.
„Горди сме што ги поддржавме овие напори за обновување како дел од нашата глобална Иницијатива за Северните шуми, која покажа дека локално водените активности за обновување, можат да донесат трајни придобивки за природата и заедниците. Резултатите постигнати во Албанија и Северна Македонија го одразуваат потенцијалот на соработката и моќта на решенијата засновани на природата, во справување со загубата на биодиверзитет и климатските предизвици. Со нетрпение го очекуваме напредокот на IUCN во унапредување на еколошкото обновување и зајакнување на отпорноста на заедниците на Западен Балкан,“ изјави Андреас Ериксон, генерален секретар на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија.
Активностите за обновување беа насочени кон два клучни биодиверзитетни предели: Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија. Овие области се клучни за зачувување на критично загрозениот балкански рис (според Црвената листа на загрозени видови на IUCN) и претставуваат витални еколошки коридори кои овозможуваат движење на видовите и одржување на поврзаноста на екосистемите. Преку насочени интервенции за обновување на шумските предели, проектот ги подобри условите на живеалиштата, ја зајакна отпорноста на шумите и придонесе кон ублажување на климатските промени.
„Иницијативата за Северните шуми ја покажа моќта на регионалната соработка и решенијата засновани на природата во обновување на шумските предели и зајакнување на климатската отпорност. Искрено сме благодарни на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија за нивната непроценлива поддршка и партнерство во текот на целиот процес. Иако оваа фаза завршува, остануваме посветени на напредокот во обновување на шумите и одржливо управување со земјиштето во Западен Балкан, градејќи врз темелите што ги постави оваа иницијатива,“ истакна Оливер Аврамоски, регионален директор на IUCN ECARO.
Меѓу клучните постигнувања на Иницијативата за Северните шуми се обновувањето на 40 хектари деградирани предели во Албанија и Северна Македонија преку комбинација на мерки како пошумување, проредување на шуми, подобрување на пасишта и контрола на ерозија. Овие активности не само што го подобрија квалитетот на живеалиштата, туку ја зајакнаа и прекуграничната соработка во заштитата на шумите. Проектот ги унапреди локалните капацитети преку обуки за одржливо управување со шумите за заедниците и властите, додека стратешката примена на решенија засновани на природата придонесе за зголемување на биодиверзитетот, апсорпција на јаглерод и подобрување на климатската отпорност.
„Обновувањето и одржувањето на еколошката поврзаност е суштинско, не само за опстанокот на видови како балканскиот рис, туку и за зајакнување на отпорноста на нашите предели и заедници. Остануваме посветени на заштитата на овие коридори на живот, каде биодиверзитетот и човечкото благосостојба одат рака под рака,“ изјави Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.
Примената на „мозаичен“ пристап – кој интегрира повеќе техники за обновување – ги засили еколошките и социјалните придобивки, поставувајќи основа за долготрајни и стабилни живеалишта.
„И покрај предизвиците со институционалниот капацитет, проектот постави силен пример за решенија засновани на природата и нуди модел што може да се повтори за обновување на шумите и соработка во заштита на големите ѕверови низ регионот на Западен Балкан,“ изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.
Она што ги прави овие интервенции посебни е нивната интегрирана и координирана примена, создавајќи ефект што ги засилува придобивките за зачувување и обезбедува конкретни резултати за локалните заедници. Овој холистички пристап гарантира дека напорите за обновување одат подалеку од изолирани акции, создавајќи отпорни екосистеми, кои носат позитивни резултати за сите нивни корисници.















