Почитувани читатели, денеска на Маркетинг365 имаме задоволство да разговараме со Г-дин Петар Ацев, човекот кој во македонскиот ТВ етер, преку неговата авторска ТВ емисија “Кралеви на успехот“, ги донесе некои од најпознатите маркетинг имиња на денешницата.
Повеќе за самата идеја околу емисијата, соработката со ТВ станиците и “вечната борба“ за спонзори, во интервјуто во продолжение.
M365: Пеце, би можел ли накратко да се претставиш пред нашите читатели?
Петар Ацев: Секогаш ми е најтешко да се претставам сам себеси, не затоа што сум скромен туку затоа што секогаш мислам дека читателите сакаат да знаат се за личноста која читаат. Но, тука сме за бизнис и работа, односно да разговараме за последниот телевизиски проект кој воедно е и мој прв авторски проект, а тоа е емисијата „Кралеви на успехот“, емисија во која главна тема на разговор се животните приказни на големите имиња во маркетинг индустријата и нивната порака за мотивација на сите гледачи да се осмелат да ги остварат своите соништа.
M365: Твојата авторска емисија “Кралеви на успехот“ изминатиов период предизвика доста внимание во јавноста со ексклузивните гости кои ретко сме имале прилика да ги гледаме во македонскиот ТВ етер. Како се создаде идејата за емисијата?
Петар Ацев: Да бидам искрен јас не очекував толку внимание. Во едно претходно интервју уште пред стартот на емисијата изјавив дека „Кралеви на успехот“ е емисија “која многумина ќе ја гледаат, но малкумина ќе ја разберат“, но ете сум направил грешка која ја гледам последниве седмици откако се повеќе луѓе започнаа и на улица, и на социјалните мрежи, преку мои пријатели итн., да поставуваат се повеќе и повеќе прашања за емисијата, да се интересираат за деталите позади камерите, да раскажуваат која приказна ги инспирирала и охрабрила, што мене навистина ме прави среќен. Сепак не залудно пред камера седнавме луѓе кои светот ги смета за бизнис елита како: Оливер Кемпкенс (Adapt or Die Ventures), Ексавиер Бургат (Airbus), Рикардо Веб (Nokia), Кејти Морс (Billboard), Џонатан Форстер (Spotify), личности кои во целост ја исполнија самата идеја на емисијата. А идејата дојде сосема случајно во еден спонтан разговор со Коста Петров и Горазд Смилевски при што имавме интересна дебата зошто младите денеска не се осмелуваат да сонуваат, а уште полошо зошто ако веќе сонуваат не се потрудат да ги исполнат своите соништа. Еден од моите соништа беше да имам авторски телевизиски проект со личности познати во светски рамки, и ете се осмелив да го исполнам својот сон, а покрај тоа со една ваква емисија да се обидам да ги мотивирам и другите да ги следат своите сни.
M365: Како си задоволен од комуникацијата со телевизиите околу соработката за емитување на емисијата?
Петар Ацев: Уште од самиот почеток од планирањето за оваа емисија моја желба беше таа да се емитува на телевизија 24 Вести. Тоа е медиумска куќа која јас лично ја чувствувам како моја матична, благодарение на претходниот телевизиски проект 24 Ексклузив, телевизија во која работат неверојатно посветени професионалци и луѓе кои едноставно живеат за новинарството и медиумите. Иако имаше понуди и од други телевизии за да ја емитуваат оваа емисија, јас си останав на својата желба. Со 24 Вести имам одлична соработка, немавме никаков проблем во преговорите за терминот на емитување на емисијата, за заедничкото учество во реализацијата на истата, а секако се надевам дека „Кралеви на успехот“ ги исполни и очекувањата на самата телевизија. А, кога веќе зборувам за телевизијата морам да му искажам огромна благодарност на снимателот Дамјан Чунихин кој се потруди секој момент да биде забележан.
M365: Дали успеа лесно да најдеш партнери кои ќе ја поддржат емисијата финансиски и како воопшто се одвиваше процесот на наоѓање спонзори?
Петар Ацев: Со оглед на тоа дека емисијата настана од спонтан разговор како што претходно споменав, првиот страв ми беше како ќе најдам спонзори кои ќе поддржат доста скап телевизиски проект кој не се снима во Македонија, а е нешто сосема ново во медиумите кај нас. Но, со добра идеја секогаш се наоѓаат и луѓе расположени да инвестираат во истата. Морам да им се заблагодарам пред се на двајца мои неверојатно добри пријатели, а потоа и соработници, Коста Петров и Горазд Смилевски, затоа што веруваа во овој проект и со своите компании застанаа зад него. PWorld како глобален бренд од Македонија и Бизнис академија Смилевски мислам дека беа вистинскиот избор за партнери во една бизнис емисија која постои за ве мотивира. PWorld пред се заради самиот Коста кој секогаш вели дека ќе се видиме на врвот, и секако Бизнис академија Смилевски како една модерна високо образовна стручна институција која на своите студенти покрај квалитетно образование им нуди и изучување на вештини и техники преку реална пракса, за да бидам современи менаџери кои ќе можат да одговорат на сите предизвици на пазарот кај нас. Мислам дека со нив ќе останам и до крај бидејќи се едни од ретките кои знаат да вреднуваат добра идеја.
M365:Дали се подготвува втора сезона на емисијата и дали би можел да ни откриеш дел од имињата кои би гостувале?
Петар Ацев: Е во моментов ова ми е главната обврска, што после првата сезона? Jавноста веќе ја запозна емисијата и нејзината цел, ја прифати и сака да ја следи, веќе започнаа да стигнуваат и први понуди од големи фирми кај нас за соработка во втората сезона од емисијата, а јас сеуште не можам да верувам дека се ова се случува. Пред десет години некој да ми го предвидуваше ова јас само ќе му се насмеев и ќе го наречев луд, но сепак никогаш не отстапив од мојата цел и еве денеска можам слободно да кажам дека она што започна од спонтан разговор веќе преминува во еден сериозен телевизиски проект. И да, веќе се започнати преговори за интервјуа во втората сезона, а единствено што можам сега да откријам е дека во втората сезона ќе не очекуваат уште поголеми имиња, најверојатно ќе биде снимана во две европски земји и на гледачите ќе им понудиме сосема нова слика за големите не само бизнис ориентирани личности, туку и за оние кои ја креираат поп културата во светот, а сепак таа креација ја разбрале како можност за солидна заработка. Единствено што можам да ветам е интересен период пред нас.