Home » Во фокусот » Интервју со Александар Стефанов – член на Управниот одбор на Фабрика Карпош

Интервју со Александар Стефанов – член на Управниот одбор на Фабрика Карпош

Денес разговараме со Александар Стефанов, член на Управниот одбор на Фабрика Карпош, компанија која бележи постојан развој од нејзиното основање во 1948 година до денес. Ваквиот развој се должи на 3 основни принципи по кои компанијата се води: специјализирани производи, постојана модернизација, и усвојување на нови технологии и истражувања, а е поддржан со давање на техничка помош, континуирано усовршување на кадарот и ефикасна логистика.

M365: Како член на управниот одбор на Фабрика Карпош одлично сте упатени во светот на градежништвото. Можете ли да нѝ кажете кои се предизвиците со кои се соочуваат младите бизнисмени во оваа индустрија?

Александар Стефанов: Градежништвото е доста комплексна индустрија која бара голема посветеност, следење на светските трендови и новини, а за возврат секојдневно ве збогатува со нови знаења и искуства. Но, доколку на предизвиците им пристапите како на можност за усовршување на работните практики и на целиот тим, тогаш е многу полесно да ги совладате. Она што во моментов би го издвоил како најголем предизвик е аплицирањето на најновите светски трендови во наши услови, кој се надевам дека одлично ќе го совладаме како компанија благодарение на јасната визија и посветеноста, како и на тимот кој е богат истовремено со млад, амбициозен дух и со долгогодишно искуство во оваа индустрија.

M365:  На Facebook страната на Фабрика Карпош забележавме дека често организирате активности во хуманитарни цели. Дали сметате дека свеста на компаниите во Р.М. е доволно развиена во правец на општествена одговорност?

Александар Стефанов: Во последниот период корпоративната општествена одговорност во Р.М. е на малку повисоко ниво за разлика од претходно, но не е доволно. Водачите на компаниите мора да имаат на ум дека максимизирањето на профитот може да се постигне и без да го ставите на прво место во бизнис стратегијата. Кога е оптшествената одговорност во прашање, нашиот мотив е да помогнеме, да дадеме, а на крај секогаш излегува дека ние добиваме. Благодарноста на нашите сограѓани од поплавените подрачја, детските прегратки, насмевките од самохраните мајки и децата од ранливите категории имаат немерлива вредност. Имавме и иницијатива која целиот наш тим ја прифати со задоволство и донираше. Фабрика Карпош ќе продолжи со помош и поддршка и понатаму како би ја исполниле нашата мисија, а се надеваме дека и многу други компании ќе го следат нашиот пример, затоа што доброто корпоративно управување ѝ дава значајно место на општествената одговорност.

M365:  Колку Фабрика Карпош вложува во своите вработени? Колку се инвестира во интерни проекти и колку е важно тоа за Вас?

Александар Стефанов: Постојано вложуваме во нашите вработени, ги мотивираме и наградуваме. Беше потребно време да се формира тим кој функционира беспрекорно. Нашите вработени редовно посетуваат формални и неформални обуки за надградба на своите знаења, веруваме дека важноста на учењето е непрекинат процес во текот на животот и токму затоа им даваме шанса за надградба. Имаме средина каде почитта, комуникацијата и одговорноста се на прво место, вработените се охрабрени да ги развиваат своите таленти и интереси и имаат можност за размена на знаење и искуства. Имаме високи стандарди за здравствена заштита, мотивирачка работна атмосфера и работен простор според светски стандарди. Човечкиот капитал е додатна вредност на команијата која директно влијае врз рејтингот и угледот на исатата.

M365: Моментално најатрактивниот проект на Фабрика Карпош е населбата Александрија чиј проект менаџер сте токму вие. Можете ли да нѝ кажете нешто повеќе за овој проект – во која фаза е во моментов, што е планирано во блиска иднина?

Александар Стефанов: Александрија е проект кој го започнавме минатата година. Се работи за изградба на една целосно нова населба лоцирана на само 5км од центарот на Скопје, во општина Ѓорче Петров, на 150м од новиот кружен тек кај Порта Влае која ќе се простира на површина од 150 000м2. Предвидено е да се изградат станбени згради, градинка, булевар, болница… Моментално сме во фаза на изградба на првите 4 згради заедно со цела патна инфрастуктура, водоводна мрежа, електрични инсталации кои би биле вселиви во август 2017 и декември 2017. Во месец мај започнуваме со изградба на 5-та зграда со која би го завршиле првиот комплекс згради во Александрија. Морам а истакнам дека имаме и голема поддршка од Општина Ѓорче Петров што особено ме радува. Имаме проект во кој вложивме многу труд и работа, а за возврат добивме сопствен препознатлив имиџ и огромен интерес. Александрија е алтернатива на скопската реалност. Близината на реката Лепенец, најсовремените методи на градење, еколошките материјали, енергетската ефикасност, пријатната микроклима ја прават Александрија уникатна населба каква на Скопје одамна му недостасуваше.

M365: Се ближи саемот за градежништво, дали ќе бидете дел од настанот и што можеме да очекуваме од Фабрика Карпош таму?

Александар Стефанов: Како и секоја година, така и оваа Фабрика Карпош не само што ќе биде дел од саемот туку ќе има неодолива саемска понуда полна со награди и изненадувања. Тимот на Фабрика Карпош ќе можете да го најдете од 28.02 до 04.03 во хала 1. Ќе ја претставиме и 5-та зграда која треба да биде вселива до јули 2018, ќе претставиме зошто Александрија е идеалниот избор со сите еколошки, економски и социјални бенефити. Еко населба не е обичен тренд во развој, тоа е пристап кон градење кое одговара на своето време, чие значење и важност ќе продолжи да се зголемува.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365