Наша денешна соговорничка е Ана Марија Вуковска, ко-сопственик и дел од лидерскиот тим на Property One Group – бизнис систем кој обединува четири комплементарни компании: недвижности, архитектура и ентериери, co-working простори и канцелариски мебел. Оваа група претставува нов пристап на пазарот, каде различни индустрии функционираат како едно, нудејќи им на клиентите целосни, интегрирани решенија – од избор на простор, до негово дизајнирање, уредување и ставање во функција.
Вуковска е дел од новата генерација бизнис-лидери кои успехот го градат систематски, преку јасна стратегија, дисциплина и долгорочна визија. Со искуство во развој на недвижности и управување со комплексни проекти, таа работи на пресекот меѓу бизнисот, архитектурата и современите работни концепти, со силен фокус на функционалност и реална пазарна вредност.
Во период кога пазарот на недвижности се трансформира под влијание на инфлацијата, новите работни навики и технолошките промени, тимот на Property One Group се издвојува со пристап кој оди подалеку од класично посредување, креирајќи одржливи, „клуч на рака“ решенија што ја обединуваат целата вредносна верига.
Од 2025 година, групацијата е поддржувач на GEA, дополнително потврдувајќи ја својата посветеност кон одговорно лидерство, одржлив развој и еднакви можности.

Маркетинг365: Денес клиентите не бараат само простор, туку целосно решение. Како вашиот пристап во недвижности се разликува од класичните агенции на пазарот?
Ана Марија Вуковска: Недвижностите повеќе не се само квадратни метри, тие се искуство и стратегија. Она што не издвојува во Property One Group е што не застануваме на продажба или изнајмување. Ние размислуваме што следува потоа, како ќе изгледа просторот, како ќе функционира и како ќе му донесе вредност на клиентот. Наместо клиентот да бара различни партнери, кај нас добива комплетно решение од идеја до реализација.
Маркетинг365: Во услови на инфлација, неизвесност и променети работни навики, што денес реално ја дефинира вредноста на еден имот – локацијата, енергетската ефикасност или флексибилноста на просторот?
Ана Марија Вуковска:Денес вредноста на еден имот веќе не може да се сведе на еден фактор, таа е комбинација од три клучни елементи што мора да функционираат заедно.
Локацијата и понатаму останува основа, но веќе не е доволна сама по себе. Во услови на инфлација и зголемени трошоци, енергетската ефикасност станува директен финансиски фактор, таа влијае не само на одржливоста, туку и на реалните месечни трошоци, што за инвеститорите е се поважно.
Но, ако треба да издвојам еден елемент што најмногу ја дефинира современата вредност, тоа е флексибилноста на просторот. Начинот на работа се менува, компаниите растат, се трансформираат или оптимизираат, и имотот мора да може да го следи тој ритам. Простор кој може да се адаптира, од канцеларија во co-working, од отворен во хибриден концепт, има многу поголема долгорочна вредност.
Во Property One Group токму затоа пристапуваме на имотот како на „жив систем“, а не како статичен производ. Вистинската вредност денес е во тоа колку еден простор може да остане релевантен утре.
Маркетинг365: Co-working и флексибилните канцеларии одамна не се тренд, туку реалност. Што компаниите денес го ставаат како приоритет при избор на работен простор – имиџ, продуктивност или задржување на кадар?
Ана Марија Вуковска: Компаниите повеќе не ги гледаат овие работи како одвоени приоритети – имиџот, продуктивноста и задржувањето на кадарот се директно поврзани и се надополнуваат.
Ако порано имиџот беше водечки фактор, денес продуктивноста и благосостојбата на вработените се во центарот. Компаниите сфаќаат дека добриот простор директно влијае на тоа како луѓето работат, комуницираат и остануваат во организацијата.
Она што е интересно е што задржувањето на кадарот станува можеби најсилниот фактор. Во време кога талентот е највредниот ресурс, работниот простор станува дел од „employee experience“ -от. Луѓето не избираат само компанија, тие избираат и средина во која ќе поминуваат голем дел од денот.
Токму тука co-working и флексибилните канцеларии прават разлика – тие нудат динамика, заедница и адаптабилност што класичните канцеларии тешко можат да ја понудат.
Во Property One Group ние го гледаме просторот како стратешка алатка, не само за работа, туку за привлекување, задржување и мотивирање на луѓето. Затоа најуспешните компании денес не бираат помеѓу имиџ, продуктивност или кадар, тие инвестираат во простор што ги обединува сите три.
Маркетинг365: Во Parallel Group, вашето архитектонско студио, кога работите на проект, како ја балансирате естетиката со функционалноста?
Ана Марија Вуковска: Добриот дизајн е оној што не го забележувате веднаш, туку го чувствувате додека го користите просторот. Нашиот пристап е секогаш да почнеме од потребите на клиентот како ќе се користи просторот, кој ќе го користи и какво искуство треба да создаде. Естетиката доаѓа како природен резултат на добро решена функционалност. Кога тие две работи се во баланс, тогаш добивате простор кој не само што изгледа одлично, туку и работи за вас.
Маркетинг365: Кои се најновите трендови во ентериер и архитектура, особено во деловните простори?
Ана Марија Вуковска: Во моментов гледаме јасен фокус на флексибилност и хуманост на просторот. Компаниите сакаат канцеларии што можат лесно да се адаптираат и што ја поттикнуваат продуктивноста, но и благосостојбата на луѓето. Природни материјали, повеќе светлина, акустика, зони за различни типови работа, тоа се работи што веќе не се луксуз, туку стандард. Интересно е што границата помеѓу „работен“ и „животен“ простор се повеќе се брише.
Маркетинг365: Колку дизајнот и квалитетот на мебелот влијаат на продуктивноста?
Ана Марија Вуковска: Многу повеќе отколку што луѓето мислат. Лошиот мебел се чувствува секој ден, во енергијата, во концентрацијата, па дури и во здравјето. Добриот мебел, од друга страна, работи тивко во позадина и му овозможува на човекот да биде фокусиран и комфорен. За нас, мебелот не е само производ, туку алатка за подобро работење.
Маркетинг365: Како машко-женско ко-сопствеништво на бизнисот и поддржувач на GEA, како Property One ја интегрира родовата еднаквост во секојдневното работење – и внатре во тимот и во односот со клиентите?
Ана Марија Вуковска: За нас родовата еднаквост не е декларативна вредност, туку начин на функционирање. Фактот што Property One Group е машко-женско ко-сопствеништво природно носи баланс во одлуките, перспективите и начинот на водење на бизнисот.
Внатре во тимот, тоа значи еднакви можности за развој, јасни критериуми за напредување и култура во која се вреднуваат резултатите, а не перцепциите. Свесно работиме на тоа да создадеме средина каде што секој има глас и простор да придонесе, без разлика на пол.
Во односот со клиентите, тоа се рефлектира преку начин на комуникација и пристап кој е инклузивен и професионален. Работиме со различни типови компании и лидери, и знаеме дека најдобрите резултати доаѓаат кога има разновидност во тимовите што ги носат одлуките.
Како поддржувачи на GEA, веруваме дека бизнисите имаат одговорност да бидат двигатели на позитивни промени. За нас тоа значи не само да зборуваме за еднаквост, туку да ја живееме, во начинот на кој вработуваме, соработуваме и градиме долгорочни партнерства.
На крајот, родовата еднаквост не е само прашање на вредности, туку и на квалитет на одлуки, а тоа директно влијае на успехот на секој бизнис.



















