Дамир Југо е еден од предавачите на регионалната ПР конференција PRilika 2014 за која повеќепати имавме прилика да пишуваме изминатиов период, настан кој со нетрпение го очекува целокупната регионална ПР јавност, а и многу ПР професионалци од Македонија кои веќе си го резервираа своето место во Театарот Звездара во Белград.
Дамир Југо во моментов е ангажиран како декан за Високата школа за комуникациски менаџмент во Хрватска – Edward Bernays, a претходно долги години беше еден од водечките луѓе на “Милениум промоција“ една од водечките регионални агенции за корпоративни комуникации. За тоа како тој го гледа развојот на ПР професијата, кои се нејзините најголеми предизвици и за најновите хрватски актуелности поврзани со струката, накратко разговараме во неговото денешно гостување на Маркетинг365.
М365: Во која мера, по Вашето мислење, ПР-от денес работи ПР за ПР, односно колку се занимаваме со себе си и дали за ПР струката важи она правило „и чевларот со скинати чевли“?
Дамир Југо: Премалку се занимаваме со себеси и репутацијата на струката чиј дел сме и од која живееме. Една од причините е сигурно фактот што вистинскиот ПР професионалец секогаш се наоѓа во сенка на организацијата, клиентите или поединците кои ги советува, а никогаш во прв план. Последица на тоа е што нашиот имиџ пред се, го креираат други, кои всушност воопшто не го разбираат штосот на вистинските односи со јавноста и што тие значат. Ретки се кампањите кои ги промовираат токму односите со јавноста, професионалните здруженија или некои високообразовни институции кои ги едуцираат идните ПРофесионалци, а тоа ќе биде и тема на мојата презентација на конференцијата ПРилика 2014, која се одржува на 7 и 8 ноември во Ѕвездара театарот во Белград. Во иднина мораме сите многу повеќе да работиме ако сакаме односите со јавноста во општеството да го заземат местото кое навистина им припаѓа.
М365: Како би ја оцениле репутацијата на ПР струката во овај момент во регионот? Има ли разлика меѓу земјите во регионот?
Дамир Југо: Репутацијата во целиот регион е сигурно полоша од квалитетот на стручњаците кои се занимаваат со односите со јавноста и кои ни малку не зостануваат зад светските трендови. За тоа сигурно придонеле и различните афери кои се случија во целиот регион, а во кои често се спомнуваа ПР-от или ПР агенциите, често неоправдано, бидејќи и понатаму широката јавност не ја разбира разликата помеѓу маркетингот и односите со јавноста. ПР-от во регионот сигурно има полоша репутација отколку што заслужува, особено кога се знае дека без нас навистина може ретко било кој сегмент на општеството, економијата и политиката. Мислам дека ситуацијата не се разликува значително по држави, но најмалку на сите нас ни помогна преседанската одлука на актуелната влада на Р.Хрватска која институционално ја забрани соработката на државните институции и компаниите со ПР агенциите.
М365: Кои се најголемите проблеми со кои струката се соочува во овај момент?
Дамир Југо: Најголемиот проблем е неконтролираното влегување во професијата, а веднаш после тоа и образовниот кадар. Денес, баш секој може да се нарече ПР стручњак, без докази за адекватно образование, знаење или искуство од областа на комуникациите.
Решението на тој проблем е сигурно лиценцирање на поединците, но истовремено низ лиценцирањето на поединците, потребно е да се лиценцираат и стандардизираат и образовните програми. Образованието и континуираното усовршување е клуч за успехот на секоја струка, особено оние комуникациските, кои се менуваат од ден на ден. Долго време работев во промоцијата на Millenium, најголемата ПР агенција во Хрватска, каде што најголем предизвик секогаш ни беше создавање на квалитетни кадри. Лицата без претходно искуство со завршени студии од областа на комуникациите требаше за две години да станат самостојни во својата работа. Тоа навистина е премногу. Затоа одлучивме да ја основаме Bernays, првата високообразовна институција во регионот која е токму специјализирана за комуникациски студии.
М365: Хрватска прва започна со лиценцирање на ПР стручњаците. Сметате ли дека тоа е добар потег и дали по Ваше мислење, лиценците ќе воведат ред во индустријата?
Дамир Југо: Лиценцирањето е особено важно и драго ми е што Хрватска прва во регионот започна со тој процес. Меѓутоа, тој процес ќе има смисла само доколку го прифатат ПР стручњаците и уште поважно, оние кои нив ги ангажираат и со нив соработуваат, а тоа повторно доаѓа до репутацијата на струката и професионалните здруженија. Лиценцирањето треба да биде контролиран процес, секој стручњак треба периодично да ја обновува лиценцата, а услов за обновувањето треба да биде учеството во програмите за усовршување и додатна едукација. Се повторно се сведува на едукација и работа на препознатливост на струката во сите сегменти на општеството. Само така, сите ќе можеме долгорочно да профитираме и да го поставиме ПР-от на местото каде што заслужува да биде.