Кајгана Медиа е една од најбрзорастечките дигитални агенции во Македонија која во изминатиов период ја доби довербата на повеќе домашни и странски клиенти. Пред десетина дена имавме прилика да пишуваме за нивната нова соработка со водечкиот домашен автомобилски бренд “Порше Македонија“, што го искористивме и како повод пошироко да поразговараме со Г-дин Дарко Лазаревски, извршен директор на агенцијата.
M365: Кајгана Медиа е една од најбрзорастечките дигитални агенции во Република Македонија, кои се главните услуги кои им ги нудите на Вашите клиенти?
Дарко Лазаревски: Кајгана Медиа им помага на брендовите да дефинираат и развијат дигитални стратегии и да ги остварат своите цели. Ги користиме најновите техники, технологии и најдобри практики, а со нашето експертско знаење на клиентите им даваме додадена вредност во нивната поширока комуникациска стратегија и ги зајакнуваме нивните врски со потрошувачите. Нашиот широк опсег на услуги опфаќа развој на дигитални стратегии, интегрирани маркетинг кампањи, менаџирање со заедници на социјални медиуми, креирање на комуникациски планови и содржина, развој на апликации, фото и видео продукција, мониторинг на социјални медиуми, планирање и закуп на огласен простор на социјални медиуми, консалтинг и едукација. Нашиот пристап и организациска култура се водат од принципите на секоја успешна дигитална стратегија: чесност, отвореност и посветеност. Веруваме во креирање вредност за нашите клиенти.
M365: Red Bull, Златен Даб, Горска вода, Виталиа, А.Д. Европа, Порше Македонија, Blizoo… Вашето портфолио на клиенти опфаќа интернационални и домашни клиенти. Со каков клиент е најдобро да се работи?
Дарко Лазаревски:Најдобро се работи со информиран клиент. Од оваа причина, оддвојуваме време за да ги едуцираме нашите клиенти за социјалните медиуми и како тие можат да влијаат на нивниот бизнис преку различен пристап.
M365: Колку, според твоите информации од клиентите за кои работите, присуството на социјалните медиуми – влијаело позитивно врз зголемување на продажбата на производот или услугата?
Дарко Лазаревски: Присуството на социјалните медиуми е само првиот чекор во улогата на дигиталниот маркетинг во денешниот свет на маркетингот. За да се претворат иновативните идеи во нешто што ќе оствари резултати, потребно е прво да се разберат целите кои сака да ги оствари клиентот, да се развие стратегија за дигитално присуство, да се идетификуваат алатките.
Тоа што не прави посебно горди на нашата работа е кога некој од нашите клиенти ќе сподели со нас бројки од раст на продажба или ќе ни каже: „Дечки, стопирајте ја кампањата, ја продадовме целата залиха” или „Леле луѓе, на настанот дојдоа повеќе луѓе отколку што можеше да собере просторот”.
Од друга страна, освен бројките од продажба, највеќе се радуваме кога гледаме како се менува имиџот на брендовите кои се наши клиенти и перцепцијата за нив. Од имиџ на бренд кој не се впуштал во конверзации до период кога доживеал трансформација во бренд за кој сите корисници на социјалните мрежи знаат дека е бренд кој е тука за да ги слушне и да оствари двонасочна комуникација, во секое време и во најкраток рок да им даде одговор за сериозни прашања па дури и за шеги, да им излезе во пресрет и да претставува прв избор за нив. Или, кога гледате дека луѓето зборуваат позитивно за брендот. Или, кога гледате дека перцепцијата на луѓето за одреден бренд и неговата комуникација на социјалните мрежи се позитивни до толку што на пример самата Твитер заедница ќе ви додели награда за Најкомпанија на #ТвитерНагради, како во случајот на Златен Даб годинава.
M365: Што е Вашиот главен совет за клиентите, зошто тие би требало да ангажираат агенција за менаџирање на нивното online присуство споредено со ангажирање на нов човек внатре во компанијата?
Дарко Лазаревски: Менаџирањето на дигиталното присуство на социјалните медиуми бара тимски пристап со константен ангажман. Повеќето бизниси немаат време или експертиза за самите да ги менаџираат нивните канали на социјалните медиуми. Потребен е голем напор за да се мониторираат активностите на конкуренцијата, активностите на фановите и да се креираат цврсти врски со потрошувачите. Тука настапуваме ние. Мониторираме што потрошувачите кажуваат за нив, го подобруваме нивното официјално присуство, ги идентификуваме и досегаме до клучните инфлуенсери. Потребно е време, ресурси и искусно око за да се погоди вистинскиот баланс кој ќе информира и забавува.
Активностите кои се одвиваат на социјалните медиуми имаат големо влијание на перцепцијата на потрошувачите и одлуките за купување. Ниту еден бизнис не смее да ги игнорира конверзациите кои се случуваат тука. Комуникацискиот пејсаж доживеа целосна промена во последниве години, но добрата вест е што никогаш не било полесно за еден бренд да се впушти во комуникација. Напуштете го традиционалниот, корпоративен тон на комуникација. Луѓето комуницираат со брендови, но зад брендовите стојат луѓе, бидете луѓе.
M365: Како го гледате развојот на пазаров во наредниот период?
Дарко Лазаревски: Ако до пред 4-5 години можевме од луѓе на раководни позиции во компании да слушнеме „Абе тоа Фејсбук глупости, што ќе ни е, џабе ќе трошиме пари”, или „И што е тоа Твитер, не разбирам што прават таму и што би правеле ние”, во последниве две години речиси не постои бренд кој не е присутен на овие комуникациски канали. Некои од нив го прават тоа на правилниот начин, некои го прават погрешно, но сите се свесни дека мораат да бидат присутни. Во годината која е зад нас, многу брендови за прв пат реализираа дигитални или интегрирани кампањи. Оние кои и претходно имаа дигитално присуство, во измината година го интензивираа неколкукратно. Некои за прв пат алоцираа буџет за вакви активности, а некои го зголемуваа неколкукратно поради заклучокот базиран на факти дека е паметен потег кој носи резултати. Истото ќе се случува и оваа година на пазарот – брендови кои за прв пат ќе излезат на „бина” и ќе кажат „Тука сме, ве слушнавме”, а ќе имаме и брендови кои се тука од претходно, но оваа година ќе направат потези со кои ќе станат ѕвезди. Сè додека публиката е присутна на дигиталните медиуми (а ова нема да се промени уште многу време), таму ќе бидат присутни и брендовите кои треба да го искористат ова, дигиталните агенции ќе имаат работа, а пазарот на дигитално огласување ќе расте.