Home » Во фокусот » Интервју со Филип Димитров и Тоше Арсов од New Moment

Интервју со Филип Димитров и Тоше Арсов од New Moment

Филип Димитров

M365: Изминатиов период имаме можност да уживаме во симпатичниот серијал реклами за кафето „Паскалин“ кои ги режираше Срѓан Јанаќиевиќ . Кој е комплетниот креативен тим кој стои зад овие реклами?  

Филип: Креативниот тим на оваа реклама е многу голем. Конкретно овој концепт почна од Тоше. Па се надоврзав јас, а потоа се надоврзаа сите со креативност во својот сектор. Срѓан Јанаќиевиќ, Никола Ристановски, Амернис Нокшиќи, Наум Доксевски, Сашо Блажевски, Роза Трајчевска, Горан Игњатовски, секој поединечно допринесе оваа идеја да се реализира на подобар начин.

M365: Рекламите за „Паскалин“ ги снимавте со познатите актери Никола Ристановски и Амернис Нокшиќи – Јовановска, кои доловуваат секојдневни ситуации во кои речиси секој од нас се пронаоѓа. Од вашето досегашно искуство, сметате ли дека луѓето подобро реагираат на реклами со кои може лично да се идентификуваат?

Филип: На што точно реагираат луѓето е многу тешко да се одговори. Можеби ако инвестираме доволно голем буџет во истражување, ќе можам попрецизно да одговорам на ова прашање. Тоа што се обидовме, е да го презентираме „Паскалин“ на начин кој ќе има кредибилитет кај публиката. Да го сместиме кафето во контекст во кој навистина припаѓа и да го поврземе со муабет. Кафе без муабет, не бива. Барем не во Македонија.

Тоше: Во принцип дали луѓето треба лично да се идентификуваат со приказната зависи од поставената стратегија. Кога тоа е целта, мислам дека реакциите се позитивни. Меѓутоа кога имате многу широка таргет група, да го постигнете тоа е навистина сериозен предизвик. Предизвикот е уште поголем кога имате ѕвезди како Никола и Амернис бидејќи таргетот потешко се идентификува со познати личности од тој калибар и кои доколку внимателно не ги дозирате во концептот лесно може да ја „киднапираат“ приказната. По првичните реакции, мислам дека успеавме да направиме успешна кампања и мислам дека на крајот бројките ќе го покажат тоа.

M365: Бидејќи досега не сме чуле дека постои совршен рецепт за “подготовка“ на реклама, како ги селектирате “зачините“ за да приготвите дело кое ќе биде интересно за гледачите,  апсолутно ќе ги задоволи барањата и очекувањата на клиентот, но и ќе ја реализира комплетната замисла на креативниот тим кој работи на неа?

Филип: Точно е. Не постои идеален рецепт за подготовка на реклама. Овој процес би сакал да го искористам како пример кој ќе го користиме и понатаму. Како што напоменав погоре, оваа кампања имаше навистина голем креативен тим. Луѓето наведени погоре, не се случајно напишани. Одлично е кога во еден проект владее атмосфера каде секој е мотивиран да допринесе. Дали причината е во тоа како е составен тимот или дека навистина имавме концепт кој понатаму ги инспирираше сите во тек на процесот, не можам со сигурност да тврдам. Тоа што го знам со сигурност, е дека кога клиентот ќе покаже доверба кон агенцијата и ќе ѝ остави доволно време за да си поигра со една идеја, крајниот резултат има многу поголема шанса да биде квалитетен. Во тој случај, одговорноста на агенцијата е најголема и секој се труди да даде максимум. По мое искуство, најлошо проаѓаат оние клиенти кои на секој чекор ни кажуваат што да правиме. Тогаш несвесно целиот тим се фокусира на најдобро исполнување на нечиви барања. Дали тоа на крај ќе резултира со добра кампања, не знам. Но, во тој случај, клиентот си ја понел комплетно одговорноста.

Тоше: Во ваков динамичен свет на информации и развој на технологии, совршен рецепт не е возможен. Меѓутоа мислам дека уште од почетоците на адвертајзингот па до денес едно правило се нема променето, а тоа е:  Што поголема свесност за проектот во рамките на дадениот буџет. Се разбира, не свесност како цел сама по себе туку во контекст на поставената комуникациска цел и посакуваната позиција на брендот. Значи, „зачините“ што ќе ги селектираш треба да го постигнат тоа.  Но ако порано конкуренцијата во таа битка за поголема свесност главно доаѓала од локалниот пазар, во денешно време таа конкуренција доаѓа од целиот свет и не само во вид на комерцијална комуникација туку од целокупна инфомациска и забавна содржина на која што е изложен потрошувачот. Поради тоа што не можеме да се бориме со буџетите што ги имаат брендовите на големите пазари, ако веќе морам да издвојам некаков рецепт тогаш би рекол „Решенија што се базираат повеќе на храбри идеи отколку на продукциска вредност со што повеќе локални зачини“.

Тоше Арсов

M365: Филип, Вие сте дел од маркетинг агенцијата „Њу Момент“ од самото нејзино формирање. Кои работи се променија во индустријата на подобро низ годините, а што отиде на полошо?

Филип: Во „Њу Момент“ сум 15 години, а агенцијата е доста постара од тоа. „Њу Момент“ 26 години успешно работи на овој пазар. Една од главните работи кои се променија е влијанието на социјалните мрежи. Ако адвертајзингот бил сметан за динамичен сектор, сега таа динамика и брзина е навистина зголемена. Една корпоративна реклама, според мене нема животен век повеќе од три дена. Во тие три дена, благодарејќи на социјалните мрежи, секој ќе ја види, ќе ја искоментира и на крај ќе ја заборави. Со интернетот, се навикнавме многу големо количество на содржина да ни биде сервирано на дневна база. Со таа цел направивме и еден поголем серијал за „Паскалин“, кој се надеваме ќе успее барем на момент да го привлече вниманието на јавноста. Така што, очекувајте уште видеа на тема „Паскалин“ во текот на годината.

M365: Постои општо мислење во јавноста дека речиси сите добри идеи се веќе истрошени и реализирани и дека тешко може да се „смислат“ нови и уникатни. Тоше, како креативен директор, каде Вие ги наоѓате инспирациите за нови идеи?

Тоше: Постои такво мислење, но воопшто не се согласувам. Напротив. Контрадикторно е да зборуваме дека живееме во еден динамичен свет на информации/случувања и развој на технологии, а од друга страна да тврдиме дека е тешко да се смислат нови и уникатни идеи. Како некаков пример овде би ја спомнал кампањата на Burger King „Google Home for the Whopper” Вакво мислење можеби би оправдал единствено ако сме заглавени на класичниот ТВ и принт пристап, но тоа не смееме да си го дозволиме. Конкретно за инспирацијата не би бил искрен ако кажам дека не ја барам во тековните трендови на адвертајзингот и воопшто во забавната индустрија. Работата на колегите низ целиот свет секојпат инспирира иако од друга страна може да те направи и мрзелив да се обидеш да направиш нешто навистина твое и оригинално. Поради тоа, секој пат во процесот на креирање треба да биде присутен и предизвикот да се направи нешто поразлично. Се разбира, многу често тоа не зависи само од нас.

M365: Кој нов животен/lifestyle тренд во нашето општество ве заголица до мера што мора да го вклучите во некоја наредна реклама?

Филип: Адвертајзингот е насекаде околу нас. Сега повеќе од било кога. Покрај својата комерцијална намена, има и своја социјална страна на која ретко кој посветува внимание. Знаеме дека примарна цел на адвертајзингот е да ни продаде нешто, но покрај тоа нешто, зошто да не нé научи да се грижиме за околината, да ни презентира некоја добра музика или да нé научи подобро да се прифатиме себеси. Сепак приоритет би ставил на грижата за околината. Крајно време е сите брендови да ја постават грижата за околината како приоритет во своите планови.

Тоше: На оваа тема во целост би се согласил со Филип. Здравата животна средина е сериозен проблем во нашето општество. Но, решението на тој проблем ќе дојде многу побрзо доколку покрај институциите сериозен придонес имаат и компаниите. Се разбира и секој од нас, индивидуално. Здравата животна средина и здравиот живот треба да биде главен фокус во контекст на општествената одговорност на корпорациите. Како некои добри примери за кампањи кои „начнале“ некоја посериозна општествена тема би ги издвоил: кампањата на „Златен Даб“ за предрасудите што постојат во нашето општество; кампањата на „Скопско“ за политизираноста на општеството како и „Телеком“ со  „Користете ја технологијата за добро“.

Во продолжение неколку behind-the-scenes фотографии од снимањето на спотовите за “Паскалин“:

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365