Home » Во фокусот » Интервју со Фин Нигаард – “Можете да направите многу со малку“

Интервју со Фин Нигаард – “Можете да направите многу со малку“

Денешен гостин на Маркетинг365 е Г-нот Фин Нигаард , еден од светски најпознатите дизајнери на џез-постери и креативни решенија за корпоративен идентитет, многупати наградуван за својата работа ширум светот, со десетици оддржани изложби во сите делови на планетата почнувајќи од Кина, Мексико, САД, Финска, Полска, Јапонија…..Оваа година на задоволство на македонската креативна сцена, тој е дел од Скопје Постер Фестивалот кој почнува денеска, каде ќе се обиде да не инспирира за неговата специјалност – креирање на постер за џез настан.

finn-nygaard-portret

M365: Член сте на жирито на Скопје Постер Фестивалот – Интернационален Студенстки Постер Фестивал, заедно со дизајнерите Фонс Хикман, Мишел Буве, Ришар Каја. Кое е Вашето мислење за овогодинешната тема, „Криза на идентитет“? Дали мислите дека студентите одговорија соодветно на предизвикот?

Беше навистина возбудливо да се разгледаат сите фантастични постери на темата „Kриза на идентитет“. Прашајте се, што е во криза? – светот, но не и новата генерација графички дизајнери. Тие се многу креативни и имаат одлични вештини.

M365: Познат сте по Вашите дизајни на постери, илустрации, но и по стратегиите за идентитет. Имате изработено многу уметнички дела во форма на постер. Која е Вашата инспирација и каков совет би има дале на дизајнерите и студентите кои сакаат да стигнат до врвот?

Инспирацијата мора да дојде од Вас. Отворете ги очите и погледнете што се случува околу вас, бидете љубопитни, внимателни и грижете се за детето во Вас. Сé се случува на брзина и тоа е предизвикот за младите дизајнери…толку многу информации, толку многу лоши решенија. Моите џез постери се посветени на легендите на џезот. Можам да ја слушам нивната музика по цел ден. На некој начин јас навлегувам во музиката и таа навлегува во мене. Постерот ја добива својата форма и започнува да живее за време на овој процес. Тоа е вистински предизвик за мене.

M365: Импресивно е колку изложби ја прикажуваат Вашата работа и количеството награди кои ги имате добиено за нив. Кои проекти сметате дека се клучни за развојот на Вашата кариера и зошто?

Невозможно е да се зборува за клучен проект. Јас работам и играм со дизајн цело време. Задоволство ми е кога можам да испробам различни дисциплини. Еден ден работам на поштенска марка, наредниот на постер. Идеите се раѓаат и растат низ овие процеси. Есента во 2011 година често бев провоциран од дебати за расизмот. Прашањето „Од каде доаѓаме?“ ме опседнуваше, претпоставувам како и многу други луѓе, од кога паметам за себе. Читањето статии за „алката која недостасува“ и за черепите од Хомо Еректус пронајдени во Азија и Африка само ми ја разгореа љубопитноста. Според моите идеи за еволуцијата, јас никогаш не сфатив зошто има толку многу несогласување меѓу луѓето кои потекнуваат од исто „семејство“. Имајќи го тоа предвид, треба да се третираме меѓу себе како браќа и сестри и со почит, без разлика дали сме бели, црни, жолти…или сини! Тоа беше основната идеја и платформата на која ја изградив серијата постери „Сите сме еднакви“. Почнувајќи со три различни карактери, Мао Зедонг, Чарли Ривел и Џими Хендрикс, мислев дека имам одлична серија од три постери. Но не можев да застанам само на тие три. Толку многу личности ми значеле многу во животот, во позитивна и негативна смисла. Продолжив да работам со черепот како графички елемент кој се повторува во целата серија и за 6 месеци изработив 56 постери, сите во димензија 143 сантиметри на 100 сантиметри. Зимава кај мене престојуваше Ксавиер Бермудез, управителот на Меѓународното Биенале за Постери во Мексико. Ксавиер се возбуди за серијалот и ме охрабри и покани да подготвам изложба за наредното биенале во Мексико, 12то по ред. Неговата возбуда и охрабрување ме натераа да го зголемам серијалот и после една година мојата цел е постигната – создадов 99 постери со 99 личности. Првата изложба беше во Данска, во стара општинска зграда. Во странство, моите дела беа изложени во ново отворената галерија во Универзитетот Маристара во Керетаро, Мексико; подоцна во Ла Паз, Боливија и во Истанбул, Турција. Музејот Имам Али во Техеран во Иран ме покани да изложувам во мај 2014. Целата серија од 99 постери во оригинална големина си го најде патот до Данскиот Музеј за Постери пред 3 години и оваа есен сите 99 постери беа изложени во оригинал во дворот на локалниот универзитет на островот каде што живеам. Одлично беше да ги видам сите постери изложени. Издржаа речиси два месеци со нашето ветровито време. „Сите сме еднакви“ стана патувачка изложба. Тоа не беше мојата првична намера. Тие постери ми ги отворија вратите и создадоа работа.

fin-4

M365: За време на Вашиот престој во Македонија на 9тиот Скопје Постер Фестивал ќе работите со млади дизајнери, но и со професионалци, на изработка на постер за џез настан. Какви совети и предлози и им дал на учесниците?

Слушајте ја музиката и трансформирајте го чувството од таа музика. Новата генерација дизајнери имаат јаки способности. Можат да се осврнат на проблеми од различна природа: хуманитарни, еколошки, политички и т.н. Развојот на технологијата нуди голем број алатки и можности и секакви информации се моментално достапни на интернет. Денес секој студент има лаптоп, што секако е одлично. Кога се сретнувам со нов клас, прв предизвик ми е да ги отстраниме лаптопите, бидејќи тие се само алатки, а не и упориште на креативноста. Ги принудувам студентите да се движат, да заборават на описи и дефиниции и да го земат материјалот во раце – хартијата, мастилото и боите, да играат и да живеат. Можете да направите многу со малку, само употребете ја фантазијата, бидете креативни и иновативни со неколку едноставни состојки. Заборавете на лаптопот во одлучувачката, креативна фаза и вклучете го на крај.

Дизајнот е за решавање проблеми, во тоа нема сомнение, но ако се стремите да создадете и развиете уникатен и артистички израз, за што исто така служи дизајнот, треба да се ослободите од стегите. Тоа е тешката фаза на процесот, но и важен момент за успехот на вашиот проект. После тоа мислете, анализирајте, прилагодувајте, и т.н. Обратете внимание на овој редослед! Зборот дизајн и титулата дизајнер се злоупотребувани. Денес секој кој има лаптоп и неколку програми на него, како InDesign и Photoshop тврди дека е дизајнер, но долг и комплексен е патот од среќлија со најновата технологија да се стане професионален графички дизајнер или каков било дизајнер. Многу е важно да се стремиме кон образување на студентите по дизајн да станат апсолутно најдобри и уникатни. Мора да ја одржуваме и рафинираме уметничката жичка. Само така може да обезбедиме уникатна и професионална иднина за креативните професионалци.

Еве уште еден предизвик: Во земјите на ЕУ, 86% од професорите се жени, според статистиките од 2010 година. Според моите статистики, кои што се основани на моите набљудувања низ годините додека предавав, уделот на девојки студенти на уметност и дизајн е до некаде ист со уделот на жени професори. Денес има пет девојки на секое едно машко во часовите по дизајн. Ситуацијата беше обратна пред не многу години. Во мојата омилена верзија за светот, постои баланс помеѓу мажи и жени, односно еднаков број мажи и жени дизајнери. Овој баланс ќе донесе одлични резултати.

Што се однесува на предавањата и работилниците во странство, подеднакво е важно да споменам дека работата со графички дизајнери од целиот свет ми нуди особено задоволство и ме инспирира да продолжам да го работам тоа што го работам. Затоа сакам да ги мотивирам студентите по дизајн да создадат колку можат повеќе вакви меѓународни односи, контакти и активности.

finn-nygaard-5

M365: Македонија има џез фестивал со долга историја и во последниве години неговиот бренд идентитет се сведува на минималистички дизајни. Дизајнерите во Македонија со поделени кога станува збор за ваквите дизајни. Постои ли решение која би ги задоволило двете страни и постои ли некоја посебна формула за успех на ваквите кампањи?

Постојат различни традиции низ светот, но доколку имате минималистички дизајн, би требало да е лесно да создадете прилично илустративни постери околу него. Потребата за некаков постер секогаш ќе постои. Техничката процедура би се сменила, како што сме посведочиле низ годините, од литографско печатење, сито печатење, офсет и слични техники до постери печатени дигитални и на инк џет. Дури може да биде и виртуелно печатење. Многу можности и предизвици, но постерот и неговите средства живеат!

M365:Постерот е медиум со уметнички атрибути. Што би им кажале на оние кои го сметаат постерот само како маркетинг алатка и медиум?

Постерот е добар додаток за клиентот и има долг животен век. Сé уште ги покажувам некои од моите постери од седумдесеттите.

M365:Што Вашата презентација ќе и покаже на публиката? Можеме ли да откриеме што ќе содржи Вашата презентација, насловена „Постер и така натаму…“?

Еден ден се разбудив и имав 60 години. Во Кина луѓето имаат животен циклус кој завршува со 60тата. Јас ќе започнам одново и ќе имам уште еден циклус! Со „Постер и така натаму“ ќе Ви кажам што ми е важно во животот, моите патешествија во графичкиот дизајн, љубовта, бојата и среќата. Во Кина ме викаат „Среќниот Фин“.

M365: Работите со меѓународни соработници. Дали претпочитате да работите на социјални и културни постери, или работите и на т.н. комерцијални постери?

Јас отсекогаш работам со социјални, културни и комерцијални клиенти, но се чини дека мојот интерес за социјални и културни теми се зголемил низ годините. Клиентите станаа подосадни: многу зборуваат, малку слушаат. Или можеби е до моите години?

fin-1

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365