Home » Во фокусот » Интервју со Гернот Раш – главен маркетинг директор во Вип оператор

Интервју со Гернот Раш – главен маркетинг директор во Вип оператор

Од почетокот на април годинава, Вип оператор го засили својот тим со нов главен маркетинг директор – Гернот Раш (Gernot Rasch). Иако млад (роден е 1979 година во Австрија), Гернот зад себе веќе има богата професионална кариера во маркетингот и стратешките комуникации. Пред доаѓањето во Македонија, беше маркетинг директор одговорен за сите производи во сегментот на потрошувачи, B2B, роаминг, фиксни, мобилни, кабловски и сателитски комуникации во хрватската подружница на Телеком Австрија Групацијата – Випнет. Претходно бил и на други разни позиции во маркетинг-секторот на мобилниот оператор А1. Инаку, Раш студирал на Универзитетот за економија и бизнис администрација во Виена, како и магистерски студии при Лондонската школа за бизнис. Во интервјуто за Marketing365 (што воедно е и негово прво интервју за македонски медиум после назначувањето за главен маркетинг директор во Вип) тој ги споделува неговите први впечатоци од состојбата на македонскиот пазар на мобилни комуникации, а секако говори и за маркетинг стратегијата на вториот по големина мобилен оператор во Македонија – Вип оператор.

CMO_Vip_FOTO 1

Гернот Раш

 

M365: Имавте можност да бидете дел од маркетинг тимот на Випнет и да работите на пазарот во Хрватска. Какви се разликите меѓу двата телекомуникацискиот пазари и воопшто кои се вашите првични впечатоци за македонскиот телекомуникациски пазар?

Гернот Раш : Прво би сакал да нагласам дека сум среќен што сум повторно во Македонија и посебно во Вип оператор. Велам повторно, затоа што престојував овде во 2007-ма, учествувајќи во „старт-ап“ операциите на Вип оператор на македонскиот пазар. И тогаш, а посебно сега од позиција на главен маркетинг директор, сметам дека Вип е една огромна успешна приказна која им донесе многу поволности на македонските корисници на мобилни комуникациски услуги, како резултат на огромната енергија, посветеност и знаење на голем број млади и способни луѓе кои го сочинуваат тимот на Вип, како и поради обемните вложувања во сите сегменти на бизнисот. Што се однесува до состојбите на македонскиот пазар, во споредба со хрватскиот, каде претходно работев, сметам дека овие два пазари се разликуваат во многу нешта, но во едно се слични. Заедничка карактеристика на двата пазари е трендот на намалување на бројот на припејд корисници во мобилната телефонија. На овој тренд влијаат повеќе фактори, од кои два се најважни. Прво – намалувањето на бројот на припејд корисници се должи на обврската за задолжителна регистрација на корисниците и второ – промената на корисничките навики, при што корисниците кои досега имаа по неколку линии кај различни оператори сѐ повеќе користат само еден претплатнички број затоа што операторите им нудат повеќе бенифиции кои сега не се ограничени само на разговорите во сопствената мрежа, туку се прошируваат и кон разговорите кон другите мрежи. Она што е најважно е дека Вип има знаење и концепт како да ги пресретне ваквите предизвици, нудејќи им на корисниците секогаш повеќе, преку нови вредности, квалитет и супериорно корисничко искуство. На тој начин, Вип континуирано воспоставува и промовира нови стандарди на пазарот што ни овозможуваат, како и досега, да продолжиме со развојот и растот во сите сегменти.

M365Колку Вип вложува во реализација на маркетинг програмите и како тие вложувања се движеа низ годините, од самото влегување на македонскиот пазар, до денеска?

 Гернот Раш : Би сакал да нагласам дека ние во Вип оператор на маркетингот гледаме многу пошироко и посеопфатно. Оттаму и вложувањата во него се обемни и континуирани. Овие вложувања имаат за цел првенствено да овозможат креирање на најдобри понуди и услуги за корисниците. Бидејќи знаеме дека цената е секогаш важна, се трудиме да понудиме најдобар однос цена – квалитет за корисниците. Исто така вложуваме во тоа, на нашите корисници да им ги направиме секогаш достапни најдобрите и најсовремените технолошки достигнувања и да им дадеме најдобра услуга на местата на продажба што опфаќа и инвестиции во нашата продажна мрежа. И она што е особено важно – континуирано инвестираме во обезбедување супериорно корисничко искуство и корисничка грижа. Гледано наназад, Вип има постигнато многу со воспоставувањето на стратегијата на предизвикувач на пазарот, што совршено одговараше во услови на брзорастечки пазар каде што имаше високи цени. Сега, после неколку години, овие „состојки“ се променети, врз што делумно и ние имавме влијание. Како втор оператор, со 28 % удел на пазарот, ние дефинитивно повеќе не сме очигледен предизвикувач кој единствено може да ги „сече“ цените. Пазарот веќе повеќе од една година не расте. Цените не се повеќе така високи, туку се навистина конкурентни, па натамошни намалувања на цените нема да предизвикаат „бура“ од корисници во продавниците, туку влијаат врз профитабилноста на операторите. Како што реков, во услови кога „состојките“ на пазарот поминаа низ големи промени, дојде времето кога треба да се изнајде нов пристап. Затоа Вип почна повеќе да се фокусира на корисничкото искуство, што дефинитивно е голем чекор во вистинска насока. Се разбира, времето ќе покаже што дополнително ќе биде потребно, но на крајот победник нема да биде посилниот, туку оној што е најподготвен за промени, нешто што претставува константа во Вип. Вип има силен, агилен тим кој може се адаптира на промените и да испорача резултати, така што моето видување за иднината е дефинитивно позитивно.

CMO_Vip_foto 2

M365Како комуницирате со вашите корисници и целни публики и кои комуникациски канали најчесто ги користите во вашите кампањи?

Гернот Раш : Она што е особено важно, ние вложуваме во континуитет во комуникацијата со нашите корисници, како во директната комуникација на продажните места и преку останатите сопствени комуникациски канали, така и преку традиционалните и новите медиуми. Притоа се трудиме да ги дадеме сите информации за нашите понуди и услуги, нивната достапност и можности, секогаш нудејќи повеќе. Нашата маркетинг и огласувачка стратегија се спроведува на тој начин што ги користиме сите расположливи канали, во зависност од потребите и приликите, водејќи сметка и почитувајќи ги најновите трендови, навики и преференци на целните публики. Притоа секогаш се стремиме да бидеме креативни и уникатни, па дури и да креираме нови комуникациски канали кои ги користиме во согласност со потребите на публиката на која ѝ се обраќаме со соодветна понуда или кампања.

M365Вип важи за силен поддржувач на културата и спортот во Македонија. Дали тој епитет ќе продолжите да го негувате и во иднина и дали сметате дека ваквите вложувања се исплатливи?

Гернот Раш : Мисијата на Вип секогаш да даде повеќе вредност не е ограничена само на корисниците.  Уште од самиот влез на македонскиот пазар, Вип во континуитет се стреми да создаде и даде повеќе за сите свои вработени, акционери, партнери и соработници и за пошироката заедница. Вложувањата на Вип во заедницата се насочени во реализација на проекти од областа на културата, спортот, во здравството и во заштитата на животната средина. Во спортот, веќе неколку години, Вип е официјален партнер на македонскиот ракомет. Заедно со нашите корисници, Вип е дел од сите успеси на најпопуларниот национален спорт во Македонија. Исто така, веќе пет години по ред сме официјален партнер на фестивалот „Браќа Манаки“, со што јасно ја изразуваме нашата поддршка на развојот на филмската уметност и вистинските вредности, фокусирајќи се на младите, преку детската програма која специјално ја креиравме токму за нив. Исто така, секоја година донираме средства во јавното здравство. Инвестиравме и ја поддржавме домашната програмерска заедница во создавањето на првите оригинални андроид апликации, а учествуваме и во многу други проекти од различни области. Заедничко за сите овие активности се придобивките што тие им ги носат на заедницата. Затоа најдобриот ефект од овие партнерства е фактот што Вип станува признат како значаен поддржувач и промотор на вистинските вредности во областите во кои вложува.

M365Кои се плановите на Вип за во иднина? Дали планирате влез во некој друг сегмент на пазарот?

Гернот Раш : Засега, Вип останува 100% концентриран и целосно посветен да им овозможи најдобра понуда, софистицирана услуга и супериорно искуство на корисниците на мобилната телефонија во Македонија. Тоа го покажуваат и најновите инвестиции во развојот на 4GLTEмрежата што ќе ни овозможи на корисниците да им ги понудиме најновите светски достигнувања во мобилната технологија.Се разбира, телекомуникациите остануваат исклучително динамичен сектор во кој секогаш можат да се пронајдат нови можности за развој. Затоа, никогаш не велиме „никогаш“ околу можноста да вложиме и во развојот на друг вид телекомуникациски услуги, за кои, доколку се случат, во рамки на Телеком Австрија Групацијата на располагање ни стојат големо искуство и know-how од работата на други пазари каде се обезбедуваат вакви конвергентни услуги.

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365