Home » Во фокусот » Интервју со Глигор Михаиловски – извршен директор на консултантската куќа СЕГ Холдинг

Интервју со Глигор Михаиловски – извршен директор на консултантската куќа СЕГ Холдинг

Забележителен тренд во светската маркетинг индустрија изминативе години е што се повеќе и повеќе консултански компании се вклучени во односот клиент-маркетинг агенција, како поддршка која овозможува надграден пристап во развојот на компаниските системи и имплементирањето на развојните проекти. “Спојувањето“ на маркетинг агенциите и маркетинг професионалците со консултантските куќи е тенденција која несомнено ќе продолжи да се развива, па токму тоа е поводот денеска како гостин на Маркетинг365 да го поканиме Г-дин Глигор Михаиловски, Извршен директор на домашната консултанската компанија СЕГ Холдинг (SEG Holding) која важи за еден од предводниците на консултанскиот бизнис во Македонија.

Глигор Михаиловски

М365: Кои се СЕГ Холдинг и во што се разликува вашиот пристап во споредба со другите консултантски куќи?

Глигор Михаиловски: СЕГ Холдинг е домашна консултантска куќа, но со регионално присуство и на пазарите во Косово, Албанија, Црна Гора, Србија, која го презема најдоброто од традиционалниот пазар на консалтинг услуги, со цел да создаде нов, флексибилен модел на консултантски услуги. Уникатниот пристап на СЕГ Холдинг се состои во обезбедување на “направени по мерка” консултантски услуги за клиентите. Имено, покрај внатрешни човечки ресурси, СЕГ Холдинг работи и со надворешни консултанти, на пример во делот на комуникации и социјални медиуми, и обезбедува логистичка и административна поддршка до надворешните консултанти во испорака на услугите до клиентите. На овој начин СЕГ Холдинг обезбедува широк спектар на услуги за своите клиенти, водејќи се од латинската парола “Celer et Vigilans” (Ефикасни и секогаш на ваша страна). Според ова, бизнис моделот на СЕГ Холдинг дава можности како за понудата така и за побарувачката на услугите. За клиенти – слобода да одберат консултанти и пристапи со најдобар квалитет. За надворешни консултанти – слобода да ги одберат тематските области и постојана поддршка која им дава целосен фокус на нивната работа и резултира со квалитетна услуга за клиентот. СЕГ Холдинг преку овој пристап секако се стреми да обезбеди максимум квалитет на дадените услуги без разлика дали е од внатрешни или надоврешни услуги, со механизмот кој го има поставено на контрола на квалитет на услугата.

М365: Што се подразбира под проектен менаџмент и, како би го оцениле квалитетот на спроведуваните проекти во земјата?

Глигор Михаиловски: Проектниот менаџмент претставува знаење и вештини за раководење со проектниот циклус, од фазите на формулирање и планирање, па се до фазите на финансирање и спроведување на проектот како и неговата оценка. Проектот треба да се гледа како синтеза од повеќе активности, логички поврзани, со цел да се постигне одредена цел, во рамките на одреден буџет, во одреден временски период. Ова се главните постулати на проектите, само-финансирани, или ко-финансирани од страна на, на пример, Европската Унија, УСАИД, и други меѓународни донатори или домашните институции. Во однос на вештините за спроведување на проекти финансирани од различни донатори, СЕГ Холдинг обезбедува активности за градење капацитет на клучните чинители во проектите, од советување, обуки до скроени консултации. Наскоро СЕГ Холдинг ќе биде и меѓу првите консултантски куќи во регионот спроведувач на проект финансиран со ИПА грант за меѓу-гранична соработка. Општо земено, во земјава и регионот, подеднакво кај јавниот и приватниот сектор, недостасува целосно разбирање и имање на потребните вештини за раководење со проектен циклус на сите нивоа, од програмирање/планирање на проектите до нивно спроведување.

М365: Дали и како маркетинг и промоцијата е составен дел од проектниот менаџмент?

Глигор Михаиловски: Во сите проекти, донаторите ги поддржуваат активностите за комуникација и видливост на резултатите од проектот, секако и за назначување на сопствената, значителна финансиска поддршка. Но, и самите спроведувачи на проектот треба да посветат посебно внимание на промоцијата на тековните и крајните резултати од проектот, со цел пренесување на идеите и нивно прифаќање од корисниците или институционализирање. На тој начин, тие ќе осигурат одржливост како и зголемување на шансите на понатамошно финансирање на нивните проектни идеи. Со развојот на дигиталните медиуми, веќе е воспоставена и видлива практика на користење на социјалните медиуми за маркетинг и промоција во проектите. Сепак, воочливо е дека спроведувачите на проектите (во главно, јавните ентитети, граѓанските организации, приватниот сектор), помалку се вложуваат суштински во осмислувањето на маркетиншките пораки од проектните активности а со тоа и скоро да го изоставуваат делот за промоција на постигнатите резултати како и ефектите што нивните интервенции преку реализирање на проектите ги имаат.

Глигор Михаиловски

М365: Како да се подобри користењето на современите маркетиншки пристапи во спроведувањето на проектите?

Глигор Михаиловски: Европската унија, како еден од главните донатори на повеќето проекти во земјава и регионов, веќе го препозна слабиот и недоволен инпут во промоцијата на проектните активности финансирани од нив. Затоа, за прв пат во 2017 година на регионалните повици, ЕУ бара од спроведувачите на проектот да посветат посебно внимание на комуникацијата, видливоста и односите  со медиумите преку финансирање на активности за маркетинг, како преку традиционалните така и преку социјалните медиуми. Она што е од интерес за проектните раководители (но и фелата на маркетиншки експерти), ЕУ предвидува во иднина истите активности да бидат спроведени од специјализирани маркетинг агенции или експерти. Ова само покажува дека во рамките на вештините на проектниот менаџмент, одговорните лица мора подобро да ги разбираат комуникациските алатки за видливост и истовремено да посветат внимание на избор на квалитетни испорачатели на маркетиншки услуги, кои пак на успешен начин ќе знаат да ги претстваат пораките/резултатите кои се постигнати.

М365: Кои конкретни чекори би им препорачале на проектните раководители, како истите да ги подобрат маркетингот и промоцијата во проектите?

Глигор Михаиловски: Доброто планирање е половина реализација. Ова се однесува за сите активности, вклучително и маркетинг и промоцијата на проектот. Конкретен совет: при дефинирање на планот на активности, вклучете маркетинг експерт или лице со познавање на (дигитални) комуникациски пристапи, со цел да се утврдат реалните можности за промоција на активностите. Никој не би сакал да открие во спроведувањето на проектот, на пример, при организација на конференција за лица со посебни потреби, дека не биле поканети дигиталните медиуми преку кои и голем дел од целната група се информира и едуцира за надминување на предизвиците (а не секогаш е во можност и физички да присуствува на настанот). Кратко: предвидување и обезбедување финансии за маркетинг и промоција во сите проектни активности.

М365: Како ја гледате улогата на маркетинг агенциите во контекст на подобрување на постигнувањата и одржливоста на проектите финансирани во земјата?

Глигор Михаиловски: Со јакнење на свеста кај проектните менаџери за важноста од подобрување на маркетингот и “продавањето” на резултатите од проектот, како и зголемувањето на средствата одобрени од донаторите за маркетинг и промоција, се отвара простор за експертите и агенциите од областа на маркетинг услуги. Но, дигиталните иновации во сите сфери на животот неминовно ќе влијаат и на маркетинг агенциите, од кои ќе се бара вклучување на дигиталните платформи во промоцијата, поедноставување на комуникацијата со клиентите како и пристап мотивиран од “вредност за пари”. Со јакнењето на вештините за (проектен) менаџмент, се повеќе ќе се цени успешниот и современ маркетинг пристап.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365