Home » Во фокусот » Интервју со Камило Антоловиќ – професор, маркетинг експерт и првиот судски вештак за огласување

Интервју со Камило Антоловиќ – професор, маркетинг експерт и првиот судски вештак за огласување

На 29 јуни во Скопје, во организација на Американската стопанска комора во Македонија – AmCham, ќе се одржи настан насловен како “Етички адвертајзинг: Глобални и регионални трендови и практики“ (ЛИНК), кој има за цел да промовира фер конкуренција и одговорни бизнис практики преку промоција на начелата кои гарантираат етичко огласување и маркетинг настап.

Еден од клучните говорници ќе биде и Г-дин Камило Антоловиќ, кој има преку 25 години искуство во различни претприемачки, менаџерски и маркетинг ангажмани  во Хрватска и регионот. Основач и директор е на агенцијата K&K PROMOTION од 1993 година и од 2002 година е претседател на Директориумот на OmnisGroup. Бил предавач на низа економски предмети во Трговското училиште во Загреб и виш предавач на Високата школа AGORA за менаџмент на пазарните комуникации. Сега е виш предавач на Високото училиште ALGEBRA-студии за дигитален маркетинг.  Како член и раководител на тим, има учествувно во неколку илјади маркетинг проекти и кампањи на домашниот и регионалниот пазар за водечки домашни и голем број на меѓународни компании и брендови.

Камило учествувал и во низа подготовки на закони и кодекси од подрачјето на пазарното комуницирање и предавал на повеќе стотина едукативни програми од подрачјето на продажбата, преговарањето и маркетингот за речиси сите водечки хрватски и регионални компании со над неколку илјади учесници.

Камило Антоловиќ

М365: Кажете ни нешто повеќе за вашето работно искуство и вашите книги. Како всушност дојдовте до инспирација да пишувате токму за овај сегмент од нашата индустрија?

Камило Антоловиќ: Веќе долги години, и како практичар и како теоретичар, го следам економското и општественото влијание на нашата индустрија на општеството. Веројатно огласувањето е една од најмоќните сили  кои влијаат на современата цивилизација и на секој поединец; токму заради тоа силно влијание, предмет на мојот посебен интерес е етичкиот и правен аспект на огласувањето, односно неговата вкупна општествена одговорност.

М365: Што всушност значи да си овластен судски вештак за адвертајзинг и маркетинг?

Камило Антоловиќ: Статус на постојан судски вештак за некоја дисциплина (мојата дисциплина е огласување и маркетинг),  дава надлежен суд после спроведена едукација, при што се подразбира кандидатот да биде екперт во својата дисциплина. Судскиот вештак дава мислење и експертиза при разни судски спорови, дава мислење на инспекциите и на крајот на сите компании и поединци во случаите на спорење заради законските норми.

 М365: Колку според Вас е важна адвертајзинг индустријата кога зборуваме за економскиот развој на една земја и секако нашиот регион?

Камило Антоловиќ: Незамислив е настапот на пазарот и успехот на компаниите без силен маркетинг, вклучително и огласување, па е јасно дека значењето на маркетингот е исклучително големо, како за компаниите, така и за националната економија. Значењето и улогата на огласувањето се огледува и во сите аспекти на делување на заедницата, а посебно тоа се однесува на успешноста на меѓународниот пазар.

 М365:  Како го гледате развојот на нашата индустрија во последните години? Каде води сето ова микротаргетирање и кон што цели овај агресивен пристап во огласувањето, кој за жал го гледаме секаде каде што ќе се свртеме?

Камило Антоловиќ: Нема сомневање дека огласувањето влезе во нова, дигитална фаза од својот развој и дека интерактивните дигитални комуникации ќе ја обележат иднината. Нови модели, нови канали и нови парадигми на дигиталната ера;  заради своето зголемено влијание и агресивност создаваат бројни етички и правни предизвици; повреда на интелектуалната сопственост, кражба и сигурност, заштита на приватноста и личните податоци …се само некои од новите предизвици на дигиталната ера.

М365:  Што мислите за native огласувањето во медиумите? Дали тоа го оправдувате? И каде е границата?

Камило Антоловиќ: Еден од новите феномени е и native advertising, кој настана како дел од еволуцијата на медиумите и како одговор на постојаните прашања за поголема ефикасност на огласувањето. Native, без оглед колку тој бил контекстуален, интересен и влијателен,  е само облик на комуникација (огласување) па мора, во контекст на правниот и етичкиот амбиент, да се креира и извршува како и секое друго огласување.

Значи, native е огласување!

М365: Како го оценувате понатамошниот развој на општествената одговорност на огласувањето (пред се` агресивноста, залажувањето и злоупотребата) што го потврдува праксата; дали е подобро уредување со закон или со професионални стандарди?

Камило Антоловиќ: Најразвиените пазари во светот, а таа пракса ја следи и Р.Хрватска, потврдуваат дека законските (државни) решенија не се најдобри и дека можат да бидат и прохибитивни; затоа се наметнува саморегулацијата на учесниците во струката преку различни стручни и етички норми како најдобар одговор на сите специфичности и предизвици на огласувањето, посебно во новата дигитална ера.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365