Home » Во фокусот » Интервју со Катерина Славова, директор на EasyPlatform во Македонија

Интервју со Катерина Славова, директор на EasyPlatform во Македонија

Денеска на Маркетинг365 имаме чест и задоволство да разговараме со Катерина Славова, директор на EasyPlatform во Македонија, најбрзо-растечката интерактивна рекламна платформа во државава, која несомнено стана редовен избор на голем број огласувачи при нивните маркетинг кампањи. Повеќе за нејзината професионална кариера и придобивките за огласувачите и медиумите од соработката со EasyPlatform прочитајте во интервјуто во продолжение…

Katerina Slavova

Катерина Славова

M365: Дали би можеле накратко да се претставите пред читателите на Маркетинг365?

Катерина Славова: Луѓето за мене најчесто велат дека сум хипер енергична и понекогаш премногу голем оптимист. А, јас за себе мислам дека сум среќен човек кој секојдневно учи, а воедно со тоа го пренесува и своето искуство, човек кој си ја обожава работата и колегите, и поради тоа е максимално посветен на се што прави.

Повеќе од 9 години работам во сферата на дигиталниот маркетинг – тоа е мојата страст и полето во кое мислам дека сум најдобра. А, доколку станува збор за образование, студирав “Компјутерски системи и технологии” на Технички Универзитет – Софија и магистрирав “Маркетинг” на Универзитетот за национално и светско стопанство – Софија. Во Македонија се преселив кон крајот на 2013-та година и три месеци потоа ја стартувавме EasyPlatform Macedonia. Пред да се преселам во Скопје, моето работно искуство го стекнав во Софија, работејќи како key account manager во дигиталната агенција EasyOnline, која во тоа време ги управуваше дигиталните маркетинг активности на брендови како Avon, Citroen, Walmark, PokerStars и други бугарски и светски  компании.

За скоро 3-те години откако сум во Македонија, посветена сум на развојот на платформата за интернет рекламирање EasyPlatform. Среќна сум дека расте и напредува секојдневно и се надевам дека со нашата работа и услугите кои ги нудиме, придонесуваме за реализирањето на многу успешни онлајн кампањи.

M365Дали би можеле да ни објасните како функционира (што претставува) EasyPlatform и кои се главните услуги кои Вашата компанија ги нуди ?

Катерина Славова: EasyPlatform е интерактивна рекламна платформа која овозможува онлајн рекламирање на принципот pay-per-click во мрежа од над 50 македонски веб сајтови во Македонија и над 200 веб сајтови во Бугарија. EasyPlatform е едноставна за користење и им дава на огласувачите лесен и брз пристап до огромен број на интернет корисници, а воедно со тоа поседува моќни функционалности за достава, управување и анализа на рекламите.

Преку EasyPlatform можете да се рекламирате со класичен банер или со текстуални огласи, интегрирани во содржините на секој од сајтовите со кои соработуваме. Рекламите се одвиваат во целата мрежа од сајтови, а со тоа се гарантира опфатеност на интернет корисниците, видливост на рекламите и посетеност на веб страните на огласувачите (бидејќи се наплаќа на принципот pay-per-click).

Секој огласувач има можност да сетира и различни таргетинг опции меѓу кои таргетирање по градови, таргетирање на часови од денот, таргетирање на типови уреди (десктоп, таблети или смартфони) и на оперативен систем (Android или iOS).

Основната предност на интернет рекламирањето и особено на EasyPlatform е можноста да измерите и следите детално што се случува со вашите реклами. Во своите профили во платформата сите огласувачи можат во реално време да го следат одвивањето на рекламите, да прават измени или едноставно да ги анализираат резултатите. Освен информации за реализирани кликови врз рекламите, огласувачите добиваат информации за основни параметри како импресии, кликови, CTR, Unique CTR, филтрирани според период на рекламирање, типови на реклами, веб сајтови итн.

Освен модерната инфраструктура и алатките на платформата, на располагање на сите огласувачи е нашиот професионален тим од специјалисти по дигитален маркетинг кои се спремни да помогнат во секоја фаза од соработката – од анализа каков тип на реклами е најсоодветен за секој огласувач, до припрема на рекламите, нивното менаџирање, следење и финална анализа.

M365Зошто огласувачите би требало да изберат да ја користат EasyPlatform наспроти традиционалниот закуп на огласувачки простор по импресии?

Катерина Славова: Јас мислам дека нема универзално решение, ниту дека едното е подобро од другото. Едноставно двете опции се премногу различни и нудат различни бенефити за огласувачите. На пример, традиционалниот закуп по импресии нуди можност на огласувачите да одберат не само конкретен онлајн медиум, туку и одредено место и одреден стандарден или специфичен рекламен формат во него. За овој начин на рекламирање да биде ефективен, потребно е многу добро да ја познавате таргет групата на сајтот.

EasyPlatform од друга страна не овозможува да бирате конкретни сајтови или позиции на рекламирање, меѓутоа нуди достигнување на огромен reach на интернет корисниците и посети на сајтот на огласувачот од луѓе кои се заинтересирани од неговите реклами, а со тоа и од производите или услугите кои ги нуди. Ние соработуваме одлично со огласувачи кои освен brand awareness и масовно популаризирање бараат зголемување на посетеноста на нивниот сајт со цел остварување на продажби, регистрација на пример за настан или newsletter, или едноставно детално запознавање на корисниците со производите или услугите што ги нудат.

Јас мислам дека интернет рекламата е најдобра тогаш, кога во медијниот микс се вклучуваат неколку добро планирани канали – истовремено користење на класичен CPM закуп, CPC реклами во платформа како EasyPlatform и рекламирање на социјалните медиуми. Тогаш огласувачите можат да очекуваат најдобри резултати.

M365Кои медиуми може да бидат дел од EasyPlatform и кои се главните бенефити за нив?

Катерина Славова: Во мрежата на EasyPlatform можат да учествуваат онлајн медиуми кои имаат над 1000 посети дневно, кои имаат квалитетни содржини и добар дизајн. Секој онлајн медиум се проверува и одобрува од администраторите на платформата, а потоа се известува дали може да биде вклучен во платформата или не. Вклучувањето на некој сајт во мрежата на EasyPlatform зависи не само од тоа дали одговара на основните барања, туку и од тоа дали моментално платформата има потреба од проширување во нови медиуми.

Бидејќи најчесто рекламните зони на EasyPlatform се во близина на содржините на сајтовите (а не се поставени на најгорните рекламни позиции), основниот бенефит за онлајн медиумите е тоа дека остваруваат заработка од позиции кои сами не би можеле да ги продадат по импресии. Воедно со тоа сајтовите немаат никакви обврски поврзани со одржување или менаџмент на рекламните зони од EasyPlatform.

M365Со кои медиуми и огласувачи сте имале прилика да соработувате досега?

Катерина Славова: Соработуваме со некои од најголемите и најпопуларни сајтови во Македонија, меѓу кои сајтови како Kurir.mk, Puls24.mk, Tocka.com.mk, Reporter.mk, Libertas.mk, Vistina.mk, Sitel.com.mk и уште многу други.

А доколку станува збор за огласувачи, го имаме задоволството да соработуваме како со големи  брендови и компании како Studio Moderna, MozzartBet, Citroen, Fiat, City Mall, Lenovo, Zegin, Bella така и со многу мали локални компании. Со некои од огласувачите соработуваме директно, а со други преку нивните агенции. За секоја компаниија градиме специјална стратегија за огласување преку EasyPlatform, комбинација од рекламни формати и таргетирања кои најсоодветно ќе одговараат на нивните потреби.

M365Како го гледате развојот на дигиталниот пазар во македонија и што според Вас би требало да бидат следните чекори во неговата експанзија?

Катерина Славова: Дигиталниот пазар и неговиот развој зависат истовремено од интернет медиумите, агенциите и компаниите-огласувачи. Тука се и организации како IAB Македонија, во која и ние од наскоро членуваме, чија цел е да внесуваат стандарди на работа, новитети, да ги прикажуваат и стимулираат добрите практики. За да се развие повеќе дигиталниот пазар во Македонија, мислам дека сите заеднички – и веб медиумите и агенциите и платформи како нашата треба да се фокусираме на постојана комуникација, па дури и обука на огласувачите за тие реално да знаат што и како можат да постигнат преку рекламирање на интернет.

Мислам дека правилното планирање на интернет рекламите е далеку покомплицирано од било кој друг класичен канал за рекламирање, а многу често огласувачите го потценуваат тоа. Сеуште често се среќаваат банери кои личат повеќе на билборд, наменет за надворешна реклама, а не на формат, адаптиран за онлајн рекламирање. Затоа понекогаш пред да зборуваме за комплицирани методи за таргетирање, добро е да се вратиме во основите и да разговараме со огласувачите за тоа како треба да изгледаат и што е најдобро да содржат нивните реклами, како да се изгради најдобар call-to-action ефект и како да ги користат и анализираат основните индикатори како импресии, кликови, CTR, frequency capping итн. Секако големите брендови се запознаени со овие специфики на онлајн рекламирањето, но за да се развие пазарот во Македонија, треба во него да учестуваат и помалите компании.

M365Колку маркетинг пазарот во Бугарија се разликува од овој во Македонија?

Катерина Славова: Јас би можела да зборувам повеќе за дигиталниот маркетинг пазар, каде што имам подетални набљудувања. Пазарот во Бугарија е многу поголем и поразвиен во споредба со пазарот во Македонија. Има многу повеќе огласувачи, забележувам дека цели категории на огласувачи кои многу силно присуствуваат и го градат интернет пазарот во Бугарија, во Македонија се рекламираат многу слабо онлајн, дури понекогаш воопшто и не се рекламираат освен од време на време во Facebook. Примери за такви категории на бизниси се туристичките агенции, веб продавниците, големите козметички брендови, па дури дел од брендовите за храна и пијалоци. Се надевам дека наскоро ќе се одлучат да се доверат на интернет како канал за огласување, бидејќи сум сигурна дека можат да имаат одлични резултати.

Во однос на веб медиумите, основната разлика е во тоа дека најпопуларните сајтови во Бугарија се поделени во големи медиумски групи, а не работат самостојно, за разлика од големите сајтови во Македонија. Тоа дозволува таму да има поголема стандардизација и повеќе да се почитуваат условите за добивање на попусти од CPM цените, или на огласувачите да се нудат пакети за присуство во сајтовите од целата медиумска група, адаптирани според нивните точни потреби.

Во Бугарија има и навистина многу специјалисти за дигитален маркетинг, кои организираат огромни настани на оваа тематика и го привлекуваат вниманието не само од регионот и од Европа, но и од светот. Во суштина Балканот е место кое се развива и каде компаниите имаат многу шанси да успеат и за кое понекогаш е доволно само да ги пратиме случувањата и тенденциите во светот и да се учиме од нив.

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365