За прв пат во Македонија оваа година ќе се организира Фестивал на најдобрите настани – БЕАМ (Best of Event Awards Macedonia), организиран од страна на Асоцијацијата на ивент индустријата – ИВАП. По тој повод разговараме со Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата на ивент индустријата, која ќе ни каже нешто повеќе за себе, за работењето на Асоцијацијата, за тоа како дошле до идејата за Фестивалот, објаснувајќи ги неговите цели, начинот на пријавување и критериумите за избор на најдобрите македонските фестивали во годината што изминала. Ќе разговараме и за состојбата на македонската индустрија на настани, за предизвиците со кои таа се соочува, но и за идните планови за развој и извозните потенцијали.
М365: Која е Маја Бабиќ накратко?
Маја Бабиќ: Професионално орбитирам во креативните индустрии веќе 27 години. Започнав како новинар, во културни редакции во повеќе медиуми. Во 1999 година го напуштив новинарството и почнав да се градам себеси во ивент индустријата во мојата матична „Баги Комуникации“. Зад мене се многу проекти, успешни настани, уште поуспешни соработки, неколку награди. Имав чест да сум прв претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП.
Приватно, сопруга, мајка на полнолетно дете и сопственик на миленик. Жонглирам помеѓу приватните обврски и потребата од професионалниот адреналин.
М365: Како дојдовте на идеја да го организирате првиот македонски фестивал на најдобри настани?
Маја Бабиќ: Фестивалот дојде како логичен след на нештата. ИВАП ја создадовме во време на криза, како потреба за остварување на неопходната помош. Пандемијата заврши, па дојдоа на ред суштинските прашања, како што е состојбата на нашиот сектор, начините за развој, потреба за поголема видливост и валоризација. Ваквите фестивали не се новина во светот, ги има секаде каде што е развиена ивент индустријата. Потребно беше само да ги истражиме моделите, детално да ги осмислиме правилата на игра и да тргнеме во оваа авантура. Фестивалот го подготвувавме речиси цела година, внимававме на сите детали. Бидејќи е ова струкова награда, чувствуваме огромна одговорност пред колегите и затоа мораше се да се подготви внимателно. Целта на БЕАМ е препознавање и валоризација на нашата работа. Мислам дека недостасуваат повеќе струкови награди во било која сфера. Секој професионалец има потреба да биде валоризиран и да му биде признаен трудот. Дополнително, во ивент индустријата, спецификата е што настанот се случува во одреден временски период, присутните го виделе и толку. Преку ваквите фестивали му се дава на настанот шанса за втор живот, а ако сакате и бесмртност, ако има среќа да освои награда. На убав начин, ги чуваме настаните од заборав. Планираме фестивалот да го отвориме и кон регионот, но сепак за почеток ќе биде само локален, што е секако во интерес на домашните компании.
М365: Кој сé може да учествува? Како?
Маја Бабиќ: Може да се пријави секое правно лице кое минатата година правело настан достоен за натпревар. Настаните треба да се случиле во 2022 година на територијата на Македонија. Аплицирањето на БЕАМ се одвива во фази. Има 15 категории за различни типови на настани и дејности. Прво е фазата на регистрација на нашата интернет страна. Кога ќе се регистрирате, добивате пристап до апликацијата која треба да се пополни. Апликацијата се состои од технички податоци а потоа и од наративен дел во кој треба да ја раскажете приказната за вашиот настан или компанија. Бидејќи се работи за индустрија која е тесно врзана со визуелното, треба да доставите видео или фотографии од настанот или од работата на компанијата, во зависност од тоа во која категорија аплицирате. Подготвивме и мал прирачник за тоа како треба да се пополни апликацијата. Крајниот рок за аплицирање е 20 февруари, со тоа што имаме можност за рана пријава до 3 февруари, со пониска котизација. Важно е да напоменам дека поднесувањето на апликацијата не е врзано со уплатата. Вие можете да уплатите за да ја искористите можноста за рана пријава, но апликацијата може да ја поднесете до 20 февруари. Така што сметам дека оставивме доволно време за сериозна подготовка.
М365: Како ќе се избираат победниците? Кога ќе биде прогласувањето на најдобрите?
Маја Бабиќ: Оценувањето го врши жири комисија составена од 20 врвни, искусни и докажани професионалци од креативните индустрии. Критериумот за избор на овие личности беше да се докажани во својата работа, да имаат високо чувство за естетика, да ја познаваат нашата работа и најважно од се да се личности со висок кредибилитет. Оценувањето е самостојно, значи секој оценува по свое видување со доделување на бодови и тоа по однапред утврдени критериуми. На крајот, бодовите по математичка формула се распределуваат и се добива победникот во секоја категорија. Се погриживме да утврдиме стриктни правила за секоја фаза од процесот, се е транспарентно објавено на нашата страница, така што тврдам дека можноста за неправилни или некоректни одлуки нема да има. Конечно целта ни е навистина да дојдеме до квалитетните настани што заслужуваат награди. Прогласувањето на наградените ќе биде на гала церемонија која ќе се одржи кон крајот на март, за што дополнителни ќе известиме.
М365: Која е Вашата порака до сите што размислуваат дали да се пријават?
Маја Бабиќ: Главната порака е да не се двоумат. Лично сметам дека учеството на првиот ваков Фестивал сам по себе е успех. Во услови кога нашата индустрија не е валоризирана, треба од некаде да се почне. Со текот на годините сите ние ќе учиме, ќе се подобруваме, ќе стануваме по креативни, по компетитивни, ќе креираме подобри настани. Дури и со самото пополнување на апликацијата правите еден вид на евалуација на настанот. Лесно можете да ги согледате предностите, добрите страни, мааните на истиот. И да ги имплементирате тие сознанија во следните проекти. Самото пријавување и учество на првиот БЕАМ би го сметала за успех.
М365: Кои се главните предизвици со кои се соочува нашата ивент индустрија?
Маја Бабиќ: Уште со формирањето на ИВАП започнавме со детектирање на истите. Не дека не ги знаевме и претходно, но кога се дискутираат на ниво на Асоцијација тогаш стануваат и официјални. Овој сектор отсекогаш делувал помалку стихијно, или ако сакате секој сам за себе. Правилата на игра не се дефинирани до крај, потребни се законски регулативи. Короната покажа дека не само кај нас, туку и насекаде во светот, оваа индустрија не е до крај разбрана. Предизвик им беше на владите да разберат кој се ја сочинува и кој работи во неа. Нема друг сектор околу кој гравитираат толку различни дејности и без ниту еден од нив не се може.
Од друга страна, за разлика од светот, кај нас не постојат многу специјализирани агенции за ивент менаџмент. За жал кај нас најголем дел од потенцијалните клиенти сами си ги организираат настаните. Само најголемите компании ангажираат агенции. Дури и државните институции го прават истото. Таа пракса мора да престане, односно треба да поработиме на поттикнување на клиентите да ангажираат професионалци. Така ќе имаат придобивки и двете страни. Мит е дека ако ангажирате ивент агенција ќе треба повеќе да платите. Клиентите треба да станат свесни дека токму ивент агенција со своите ресурси и знаење може да им заштеди голем дел од буџетот со донесување на логични и исправни одлуки за еден настан. А да не зборуваме за оптимизација на времето потребно за подготовка на настанот.
Исто така, во моментов се соочуваме со недостаток на човечки потенцијал. За волја на вистината, ова е проблем секаде во светот, бидејќи ние бевме затворени речиси две години и нормално беше луѓето да побараат друга работа, а по завршувањето на пандемијата не се вратија на старите позиции. Едукацијата е исто така проблем кај нас, бидејќи немаме едукативни програми за профили кои ни се потребни.
М365: Дали постои потенцијал за извоз на овој тип на услуги? Како до поголема „интернационализација“?
Маја Бабиќ: Потенцијал постои, а постои и голем интерес. Имаме компании кои се специјализирани за саемски манифестации кои успешно работат во светот. Во Македонија имаме производство на техника за озвучување, која се извезува во светот. Имаме подготвени рентал компании кои работат во регионот. Факт е дека сме рамноправни по знаење и по искуство со колегите од регионот, но потребна ни е стратегија за излегување надвор од нашите граници. Секако, ова е специфична дејност, потребно е многу познавање на локалниот терен за да се организира настан, а пак за колегите од рентал секторот е многу комплицирано за извоз на опремата. Како и да е, можеме и мораме да работиме на тоа да излеземе од нашите граници.
М365: Кои се предлозите и плановите на Асоцијацијата за дополнителен развој на овој сектор?
Маја Бабиќ: Работиме постепено, стратешки и темелно. Како да трчаме маратон. ИВАП го наметна терминот ивент индустрија, кој дури и владата го прифати. По завршувањето на короната, првите чекори ги правиме со БЕАМ. Летово ќе организираме голем саем на ивент индустријата. Тоа ќе биде можност потенцијалните клиенти да се запознаат со колегите и компаниите, да се остварат нови деловни соработки, да направат еден вид на скрининг на се што се нуди на нашиот пазар во овој сектор. Планираме и неколку конференции со говорници од странство, секогаш е добредојдено да се слушнат нови искуства кои можат само да помогнат во развојот. Паралелно работиме и на вмрежување и соработки со колеги надвор од нашите граници. Како што кажав, колку што е комплексен нашиот сектор исто толку е и комплексна патеката и методите за подигнување на стандардите. Искрено се надевам дека за не повеќе од 5 години ќе имаме друга слика во секторот за организација на настани.
*********
Ѝ благодариме на Маја за отстапеното време и интересниот разговор. Повеќе информации за претстојниот Фестивал на најдобрите настани – БЕАМ може да се најдат на следниот линк.