Денешен гостин на Маркетинг365 е Милка Смилевска долгогодишен новинар со траг во повеќе македонски медиуми почнувајќи од Радио Велес, Канал5 и ТВ Алфа – во моментов ангажирана како дописник на регионалната телевизија Ал Џезеира Балкан. Поводот е роденденски, нејзината ТВ куќа денеска слави 5 години откако беше лансиран регионалниот ТВ сервис.
M365: Ал Џезеира Балкан денеска полни 5 години од своето лансирање на овие простори. По што најмногу Вие ќе го паметите овој период? Кој работен наслов, статија, интервју, репортажа… би го издвоиле од досегашното работење?
Милка Смилевска: Известувањата од Куманово, за вооружениот судир во Диво насеље на 9 и 10 мај 2015 кога Македонија беше соочена со безбедносна криза, никогаш нема да ги заборавам. На почетокот не бевме свесни со колегата снимател Роберт Коцев за обемот на полициската акција и големината на терористичката група од Косово и првиот ден во саботата утрото влеговме во населбата, каде што беше судирот, снимавме изјави од локални жители и инсерти, но кога почна да се интензивира пукањето излеговме од Диво насеље. Движејќи се по автопатот кога видовме колку многу полиција влегува во Куманово со возила и оружје, ми стана јасно дека Македонија е на некој начин во вонредна состојба. Буквално три дена останавме на терен и во живо известувавме за трагичните случувања и се молевме што побрзо да заврши. Никогаш да не се повтори.
M365: Кога се зборува за Ал Џезеира, главни синоними се квалитетната продукција, сопствена содржина и професионалниот пристап во информирањето, работи кои за жал не се баш “најпознати“ во моментов во локалниот ТВ етер. Како изгледа предизвикот да се биде дел од еден ваков глобален систем известувајќи од Македонија?
Милка Смилевска:За мене е голема привилегија што работам за Ал Џазира Балкан. Професионален пристап и поддршка имам сите овие години и од уредниците и од менаџментот на телевизијата. Во дописништвото во Скопје, сме компактен тим, јас и новинарката Маја Блажевска – Евросимоска и двајца сниматели Роберт Коцев и Јорде Ангеловиќ. Многу добро соработуваме, секој од нас е мотивиран да даде се од себе да ја работи работата најдобро што знае. Ресурсите не се проблем.
M365: Дали сте се соочиле со одредени притисоци во извршувањето на Вашите работни задачи како дописник на Ал Џезеира од Македонија?
Милка Смилевска: Нема притисоци, но од друга страна кај функционерите од власта нема ни желба да гостуваат на нашата телевизија. На пример, доскорешниот директорот на програмата на Ал Џазира Балкан, Горан Милиќ, кога пред година и половина го снимаше серијалот Алхемија Балкана, во повеќе наврати бараше интервју од тогашниот премиер Никола Груевски, но од Владата не му беше позитивно одговорено. А политичарите од останатите земји од регионот прифатија интервјуа и искористија и да си ја промовираат земјата бесплатно. Нашата влада плаќа на пример за промоција на CNN.
M365: Што мислите за медиумскиот простор во Македонија, за македонското новинарство?
Милка Смилевска:Мнозинството новинари немаат можност прво слободно да работат. Со години трае притисокот на власта врз медиумите и новинарите и постои автоцензура. Новинарите не се почитувани. На нив дел од политичарите гледаат како на алатка за пренесување на пораки што сакаат да стигнат до граѓаните. Мојот поранешен уредник, Ацо Кабранов, велеше не третираат како “инки”!
M365: Како го оценувате присуството на Ал Џезеира во Македонија и како оваа телевизија е прифатена од македонската јавност?
Милка Смилевска: На голем дел од граѓаните им е доста од диригирани вести од еден центар и од синхронизирани серии. Од програма која наместо на информира и едуцира го заглупавува гледачот, затоа за нив се повеќе алтернатива е Ал Џазира Балкан, се информираат за главните дневни случувања во регионот и светот, но имаат можност да видат и добар документарец или интервју, и се тоа од технички и продукциски аспект е изработено по високи стандарди. Верувам дека само ќе се зголемува публиката на Ал Џазира Балкан во Македонија во периодот што доаѓа.