Никола Бојков е ко-основач на компанијата EmbedSocial. Никола има 10 годишно искуство од областа на дигитален маркетинг и во развој на напредни маркетинг кампањи, апликации и решенија за големи клиенти во сегментот на интегрирање со најголемите социјални мрежи. Неговиот претходен стартап, агенцијата за дигитален маркетинг IM.MK, успеа да го добие статус на првиот Facebook маркетинг партнер во регионот.
1.Вие сте ко-основач и извршен директор на EmbedSocial, кој е еден од првите стартапи во Македонија кои добија поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Што всушност претставува платформата EmbedSocial?
EmbedSocial (https://embedsocial.com) е платформа со алатки за социјални мрежи. EmbedSocial е интегриран со најголемите социјални мрежи како што се Facebook, Instagram, Twitter, Google така што им овозможува на бизнисите да можат лесно и брзо да ги синхронизираат своите активности на социјалните мрежи со својот вебсајт. Подетално, менаџирањето на слики, галерии, фидови и рецензии кои што произлегуваат од големите социјални платформи и нивното интегрирање со вебсајтови може да се врши преку EmbedSocial.
Платформата функционира како сервис, кој врши постојано синхронизирање со социјалните мрежи на корисникот и ажурирање на податоците во реално време.
На овој начин се заштедува време и секако пари за развој и ажурирање на веб фото галарии и корисниците всушност ги користат веќе поставени фотографии на Facebook, Instagram или Twitter.
Најнова алатка во рамките на EmbedSocial e производот EmbedReviews, со чија помош корисниците можат да ги генерираат сите рецензии т.е мислењата што купувачите ги оставиле за нивниот бизнис на Facebook и Google. Генерирањето се врши со буквално неколку клика и овозможува креирање на веб виџети и поставување на овие рецензии на вебсајтовите на корисниците.
Во иднина EmbedSocial ќе продолжи со изработка на нови алатки кои решаваат проблеми на бизнисите поврзани со нивните активности на социјалните мрежи и ќе продолжи да иновира со цел да стане број 1 дестинација со напредни алатки за социјални мрежи.
2.Колку денес технологијата влијае на комуникацијата, а колку на промените кај луѓето и општеството? Дали за неколку години ќе станеме робови на технологијата во вистинска смисла на зборот?
Технологијата влијае на комуникацијата бидејќи го менува начинот, местото и фрекфенциите поврзани со истата. Ако се вратиме наназад во историјата можеме да ги забележиме истите трендови секогаш кога ќе се појавела нова технологија која што во тој временски период била опишана како револуционерна. Така било кога се појавиле телеграмите, телефонот, радиото, телевизијата, интернетот, мобилните и еве сега на крај, апликациите.
Ако погледнеме по степен на користење и ги рангираме апликациите ќе заклучиме дека апликациите за кои што главна бизнис активност е овозможување на комуникација се најкористени. Тоа само по себе укажува дека како што се менува начинот на комуникација така и тоа се одразува и врз луѓето и општеството.
Пред 4 години кога првпат влегов во паркингот на аеродромот во Сан Франциско мислев дека се наоѓам на друга планета. Коли прикачени со кабли во штек.
Денес веќе збруваме за автомобили што сами се возат, транспортни ракети за превоз на патници од еден на друг крај од светот за помалку од еден час, а дури сме сведоци и на меѓупланетарни проекти.
Преголемата автоматизација и можноста глобалните компании да сетираат оптимизирани бизнис процеси со помош на вештачка интелегенција или роботи, ќе биде вистински предизвик за задржување или раст на вработеноста.
Ова е поголем проблем, би рекол глобален со кој ќе се соочат развиените општества и за кои сметам дека државите ќе мора да ги најдат начини за транзиција кон иднина во која машините ќе вршат најголем дел од работите.
Не верувам дека ќе станеме робови, технологијата ќе биде тука и во иднина и како и досега ќе му служи на поединецот и општеството и во најголем дел ќе има позитивен ефект.
3.Колку македонските компании ги следат новите трендови во дигиталното комуницирање? Што е она на што треба да обрнат особено внимание во иднина?
Мислам дека не доволно. Причината е малиот пазар. Ако компаниите работат на поголем пазар веднаш ќе ја видат потребата од најновите алатки и технологии за таргетирање, сегментирање, програматично рекламирање, А-Б тестирање и слично. Штом ви се зголемува пазарат, а со тоа и бројноста на различните пазарни сегменти, ќе морате да почнете да учите, тестирате и секако се’ повеќе да инвестирате во трендови.
Нашиот тим од секогаш ги следи трендовите, и за среќа веќе 6та година успеваме да добиеме покани на најголемите настани на Facebook каде се претставуваат нивните следни технологии и планот за развој во следната година.
4.На Самитот Македонија2025 ќе учествувате на пенелот на тема „Macedonia – A Hub for Smаrt Industries“. Дали во нашата земја постојат задоволителни услови и можности за успешен развој на иновативни проекти?
Несовршеноста на условите во Македонија ги гледам како голема можност за иновација. Кога вашата околина ќе има поголем број на проблеми, останува на претприемачите да креираат решенија, нели?
Во нашата земја постојат можности за развивање на иновативни решенија но, сепак мора да бидеме реални за да може да направиме поголем исчекор.
Во однос на условите потребни се основни услови како што се инфраструктура, човекови ресурси, реформи во законодавството и капитал кој што би ги подржал иновативните проекти.
Во однос на инфраструктурата мислам дека не заостануваме многу и тоа не е проблем. Имаме супер брз интернет и голема покриеност со 4G мрежа.
Во однос на капиталот исто така не гледам проблем бидејќи парите ги следат идеите и продуктите. Мое мислење е дека средстава во форма на пари за инвестирање во раните фази на стартапите постојат. Тука е Фондот за Иновации и Технолошли Развој, како и SCV и CEED Macedonia Business Angels Club, кои исто така имаат инвестирано во македонски стартапи.
Најголемите лимитации според мене се законодавството и малиот број на квалитетни човекови ресурси.
Законите не се во склад со дигиталната економија и претставуваат голема пречка за развој на дигитални производи. Истите така големо влијание има и недостатокот на модернa payment processing компанија како Braintree или Stripe.
Од друга страна, Македонија е прилично мала земја и едноставно нема доволно луѓе кои што на светско ниво успеале да постигнат значителен успех, а да живеат во Македонија и да се активни со споделување на знаење, контакти и слично. Сепак и покрај се, тоа е нешто што верувам ќе се подобри, односно тоа покажува дека потенцијалот е голем.
Како важен дел од стартап екосистемот, ни фалат ментори, успешни луѓе кои зад себе веќе имаат успешни компании и кои се спремни да членуваат во одборите на советници на младите стартап компании.
Според мене, иновирањето никогаш не започнува од самиот производ туку од потребата/проблемот на клиентот – пазарот. Па така, ако успеете да најдете пазар и начин како да дојдете до него, веќе иновирањето и измислувањето на каков тип на производ ќе биде и многу полесен.
5.Што е она што би им го препорачале на сите стартап ентузијасти кои имаат желба да добијат помош од Фондот за иновации или некој друг фонд на капитал? За каков вид на поддршка би требало да бидат заинтересирани? На кој начин да пристапат?
Ќе се надоврзам со претходното прашање. Јас би им советувал на сите стартап бизниси:
“Прво најдете клиент, истражете го заедно проблемот и дури тогаш почнете со развој.”
На овој начин ќе можете да го направите вашиот бизнис модел многу полесно и пореално- Ќе знаете кои се трошоците за развој на производот, колку е подготвен клиентот да плати и како сето тоа ќе можете да го амлифицирате – да дефинирате начини како да освоите пазар и кои би биле трошоците.
Ако најдете спој со производот и пазарот, тоа е тоа. Фондот е тука да ви помогне и ве охрабрувам да аплицирате и да добиете одлично искуство.
6.Како ја гледате улогата на маркетинг агенциите во денешно време, во контекст на огромниот импакт што информатичката технологија го има врз купувачките одлуки и начинот на живеење?
Јас сметам дека маркетинг индустријата е следната која ќе биде целосно disrupted.
Ова значи дека за многу кратко време големите платформи ќе ја вршат целата работа за идентификување на крајната публика, оптимизирање на рекламите, распределба на буџетите дури и медиа купувањето. Значи вие ќе треба само да одредите буџет и со клик на едно копче, Facebook и Google многу прецизно и оптимизирано ќе се погрижат да добиете најдобри резултати.
Маркетинг агенциите ќе немаат работа во тој дел, но најголем дел од нивната работа би бил во креирање на многу содржини кои ќе се поврзуваат со специфични, а не генерални пазарни сегменти. Е во овој дел за да направат содржини со кои најдобро ќе се идентификува нивниот пазар, ќе треба да користат технологии со кои ќе “слушаат” и анализираат што прават, зборуваат, сакаат и нормално, купуваат.