Современиот маркетинг не можеме да го замислиме без користење на дигиталните медуми и платформи како основен канал на комуникација. За развојот на дигиталниот маркетинг во Македонија разговаравме со Предраг Стојковски, директор на Нова Солутионс – компанија која е пионер на дигиталниот маркетинг во Македонија, a која оваa година прославува 15 години oд своето работење.
M365: Веќе 15 години Нова Солутионс е сведок на развојот на дигиталниот маркетинг во Македонија. Споделете со нашите читатели, каква беше тогаш состојбата на дигиталниот маркетинг во Македонија?
Предраг: Искрено, ме замисливте. :) Обично кога ќе имаме прашање како беше пред 15 години, особено кога се работи за развој на дигиталните медиуми, прво што ќе помислиме е дека немаше ништо – споредувајќи го со денешната состојба.
Но, не е баш така. Имено, во тој период (2007/2008), компаниите беа свесни дека им е потребен веб-сајт, a освен тоа на интернет се појавија специјализирани информативни портали, интернет форуми кои беа и сега се доста читани и посетени (Мотика, Кајгана…) и сите тие нудеа можност за промоција – дали преку банери или преку промотивни текстови.
Социјалните мрежи срамежливо се појавуваа: MySpace беше популарен, Twitter исто така, но не беа сериозно земени во предвид како маркетинг канал на комуникација, барем не во нашата држава.
Дури со појавата на Facebook почна малку повеќе да се размислува за користење на дигиталните медиуми во маркетинг цели и да се креираат планови и стратегии кои што ги опфаќаа можностите на дигиталните медиуми во вкупната маркетинг стратегија и комуникација.
M365: Каков беше интересот на компаниите за промовирање на дигиталните медиуми во тој период?
Предраг: Компаниите, и тогаш и денес, се претпазливи во поглед на користење на новитети. На почетокот нашите клиенти беа компании и институции кои што веќе имаа веб-сајтови и нашата улога беше истите да ги одржуваме. Од време на време имавме барања да се направи некој банер за промоција по пат на портали или некој промотивен текст.
Гледајќи ја зголемената популарност на Facebook и Twitter одлучивме на компаниите да им понудиме промоција на овие социјални мрежи. Компаниите, како што споменав, со скепса го гледаа овој начин на промоција и сметаа дека на тие мрежи се претежно деца кои немаат попаметна работа, па губат време на Facebook.
Денес, тие „деца“ имаат 30 и повеќе години.
Првата компанија која се осмели да влезе во таква „авантура“ беше Битолската млекара, со своите брендови БиМилк и БиФрут, а подоцна и со Баланс+. Воедно, ова беше и прва македонска кампања на социјалните медиуми, а ние бевме први social media управители на профили на социјалните мрежи.
M365: Со кои предизвици се соочивте во текот на работењето на првите кампањи?
Предраг: Предизвиците беа навистина големи – пред сé тоа беше нешто сосема ново на македонскиот пазар. Луѓето на социјалните мрежи поинаку реагираат на реклами отколку на реклами во конвенционалните медиуми.
Фејсбук профилите наменети за компаниите сé уште беа нешто ново и за самата платформа и често пати се случуваа грешки, многу почесто од денес.
Основниот предизвик со кој што се соочивме тогаш и со кој се соочуваме и денес е како да искреираме кампањи кои што ќе ангажираат поголем број на фанови. Во тој период Фејсбук нудеше опција за креирање на апликации (наградни натпревари/предизвици) поврзани со самиот бренд. Ја искористивме таа опција за креирање на првата Фејсбук апликација во Македонија за БиФрут, за потоа да креираме Фејсбук апликација за новиот производ на компанијата Магрони – Добра вода баланс.
M365: Но, денес не сте познати само по креирање на кампањи на социјалните мрежи. Како течеше равојот на компанијата?
Предраг: Точно, денес покрај креирањето на кампањи на социјалните медиуми, која е наша основна услуга, нудиме и услуги од областа на графичкиот дизајн (брендирање/дизајнирање на пропагандни материјали и слично), креирање на корпоративни видеа, како и дизајн на веб-страници.
Развојот си одеше по некој природен пат – за креирање на добри маркетинг кампањи потребно е да имаме и добри графички дизајнери за креирање на креативи кои ќе го привлечат вниманието на публиката, поттикнувајќи ги на одредена акција/ангажирање.
Во 2015 година имавме нов предзвик да креираме комплетно брендирање на една мала пчеларска фарма. Тогаш мала фарма, а денес сериозен производител на мед и медни производи – Зоралек Маринковиќ од Кавадарци. За нив креиравме лого, етикети и слоган, а освен тоа ги именувавме и производите кои беа повеќе од десет.
Потоа, во 2019 година се соочивме со нов предизвик – креирање на корпоративно видео. Тогаш бевме ангажирани од компанијата СА-МО Бионатура од Виница, компанија која се занимава со производство на полнети пиперчиња. Проектот беше поддржан од Европската банка за обнова и развој, исто како и проектот за брендирање на компанијата Зоралек.
M365: Како го гледате развојот на дигиталниот маркетинг во Македонија?
Предраг: Предизвикувачки. Имено, дигиталните медиуми имаат тенденција на прединамичен развој кој што бара поголема фокусираност, континуирана едукација и следење на трендови. И тоа не само на маркетинг агенциите, туку и на други компании.
Сега, според мене, се соочуваме со два важни предизвици – “Genaration Z” со нејзините нови навики од кои што произлезе и новата социјална мрежа TikTok.
Предизвикот е како да се прилагодиме на новите трендови на комуникација по пат на социјалните мрежи, особено на Инстаграм и ТикТок. Овие две платформи користат видео како начин на комуникација, ТикТок тоа го прави исклучиво преку видеа. Денес не е доволно само да се направи убава фотографија или дизајн, туку се оди на креирање на видеа кои што ќе го задржат вниманието на корисниците, а во исто време ќе ги пренесат вредностите на брендот.
Во кратки црти – она што Facebook беше пред 15 години, тоа е денес TikTok.
*********
Му благодариме на Предраг за отстапеното време, а на агенцијата Нова Солутионс им посакуваме уште многу години успешна работа!