М365: Иако досега сте биле наш гостин и сме имале интервју со вас, на кратко кој е Сергеј Зафироски?
Професионално сум основач и генерален менаџер на агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, додека од почетокот на овој месец и извршен менаџер на Економскиот Факултет при МИТ Универзитет во Скопје. Како профил на вработен имам позитивни критики како професионален менаџер кој и покрај сите рестрикции и негативности во Македонија успеа да се одржи и да изгради една компанија која има репутација на високо квалитетна во секторот истражувања и консалтинг кој е доста специфичен и тежок за работење. Истиот концепт и стил на менаџирање сакам да го применам и на новата работна позиција.
Немам желба многу да филозофирам, сакам повеќе конкретни и мерливи резултати, директна, искрена и кратка комуникација, екстремно напорна работа и континуирано учење. Сметам дека не постои успех без многу знаење и долги часови дневно работа.
М365: Поради која причина прифативте да бидете менаџер уште на една компанија односно факултет, покрај Инсајдер ИД?
Сите менаџери со кои разговарам, се сретнувам, соработувам како најголем проблем го наведуваат кадарот кој и покрај високото образование, по завршување на факултетот е прилично неупотреблив во секојдневното деловно работење. Понудата да бидам извршен менаџер ја разбрав како можност да направам нешто повеќе од само да коментирам дека кадарот е неквалификуван и да извршам влијание во унапредување на еден значаен сегмент во државата. Сметам дека соработката на истражувачка компанија како Инсајдер ИД и Економски Факултет на МИТ Универзитетот ќе произведе многу бенефити за сите интересенти вклучени во процесот.
М365: Што може да се очекува од Вашето работење на МИТ – Економскиот Факултет?
Најавувам еден комплетно нов начин на висока колаборација помеѓу бизнисот и факултетот кој е комплетно различен од претходното работење на факултетот. Имам желба да го донесам бизнис образованието на едно комплетно ново ниво во Македонија, каде младите луѓе ќе бидат проактивни и мотивирани да учат економија и бизнис. Јас сум професионален менаџер и самиот сум изграден во бизнис околина, не сум филозоф, а според тоа и факултетот ќе го водам на професионален начин како и секоја друга компанија. Ќе се заложам да продуцираме високо квалитетен производот односно студент и да имаме задоволни клиенти односно бизниси кои ќе ги вработуваат студентите.
Бизнисот е тој што ќе наведе што сака од факултетот. Инсајдер ИД и целата мрежа на партнери и соработници, се разбира кои имаат желба да бидат вклучени во процесот, ќе го насочат факултетот кон потребните квалификации за идните вработени. Студентите ќе бидат обврзани постојано да работат со партнерските компании со што по завршување на факултетот веднаш би се вработиле кај нив. Генерално сакам да изградиме институција која ќе насочува студентите на професионално и проактивно менаџерско работење.
Паралелно ќе организираме голем број на конференции, бизнис настани и посети на компании се со цел продлабочување на соработката помеѓу факултетот и компаниите.
М365:Каква е состојбата на кадарот во Македонија?
За жал не многу светла. Според мене и приближно сите менаџери во Македонија, хроничниот недостаток на квалификувана работна сила е најголемиот проблем со кој се соочува моментално, а уште повеќе во иднина бизнисот во Македонија.
Тоа што се изучува на факултетите за бизнис и реалната потреба на пазарот се дијаметрално спротивни работи. Нас ни е потребен кадар кој по завршување на факултетот ќе биде подготвен веднаш да започне со исполнување на поголем дел од основните задачи. Во моментот ние организираме дополнително дообучување само за да потенцијалниот вработен да ги научи основните принципи на работењето, а за напредните се потребни години.
Многу пати претходно сум зборувал, а и ќе се повторам, Македонија може единствено да успее да се развие со високо квалитетен кадар, истражување и развој и градење на домашни компании кои ќе бидат меѓународно конкурентни. Потребно е и изразено “реално” претприемништво кое има долгорочен фокус и план за развој. Кажувам “реално” бидејќи кај нас во последните неколку години се “форсира” социјално претприемништво кое е одлично, но е единствено одржливо доколку постојат сериозни и стабилни компании во традиционалните сектори кои ние ги немаме, а социјалните компании ќе бидат или основани или поддржани од нив.
Голем број на луѓе особено од нашите генерации се иселуваат од нашата држава, најмногу поради целокупната околина во Македонија. Лично сакам барем да се обидам да направам позитивна атмосфера во која продуктивноста и професионализмот ќе добијат на значење и ќе се работи по светски стандарди и критериуми.
Дополнително потребна е образовна институција која ќе ги соочи и подготви младите луѓе со реалноста по завршување на факултетот. Светскиот пазар е екстремно суров, без апсолутно никаква милост, додека кај нас, младите генерации сметаат дека тоа е нешто што е лесно и едноставно бидејќи така и истото се претставува.
М365: Како го планирате развојот во иднина на двете компании?
За Инсајдер ИД, планирано е дополнително проширување на активностите надвор до Македонија и имплементација на нови технологии и методи на истражување. моментално сме во процес на воведување и сертификација на две алатки за анализа на податоци и во план сме да развиеме наше интерно решение.
Економскиот факултет ќе го следи планот кој претходно го спомнав, односно започнување на интензивната соработка со бизнис секторот и воспоставување на средина во која студентите активно ќе учат од бизнисот од првиот ден на студирање.