За триесетина дена почнува 9-тото издание на најголемиот регионален собир на комуникациската индустрија, која повторно ќе се “обедини“ во Ровињ, Република Хрватска да се дружи, учи и разменува искуства за време на Викенд Медиа Фестивалот. Маркетинг365 се заинтересира што ново ќе се случува годинава на WMF, па решивме да поразговараме со луѓето кои се најповикани за тоа – Томо Рицов, директор на Weekend Media Festival и Никола Врдољак – програмски директор на WMF.
M365: Weekend Media Festival е несомнено најголемото место за собирање на маркетинг и медиските професионалци од регионот. Луѓето на овај фестивал се враќаат секоја година и зборуваат за некоја посебна “магија“ која едноставно мораат повторно да ја почувствуваат. Какво е чувството да се биде “магионичар“ по деветти пат?
Томо Рицов: Во жестоката конкуренција на туристички дестинации каква што постои денес, секогаш е потребно да се понуди нешто повеќе од самото разгледување на градот или сонце и плажа, a Weekend Media фестивалот го прави токму тоа бидејќи како таков претставува единствена комбинација на бизнис конференција, креативност, технологија и опуштено дружење во еден од најубавите градови во Хрватска. Weekend настана бидејќи сметавме дека постои потреба за собирање на луѓе од браншата и недостигаше добро организиран настан. Но, уште поголем мотиватор беше желбата да направиме нешто за целата индустрија која ги вклучува маркетинг, ПР и медиа професионалците, така што всушност сакавме место каде што луѓето од браншата можат да дознаат за најновите трендови, да слушнат за туѓите искуства кои се случуваат околу нас и притоа добро да се забавуваат во еден навистина единствен амбиент. Да се биде во можност тоа да се направи деветти пат по ред, создава одлично чувство.
M365: Што ново ќе ни донесе деветтиот Weekend Media Festival овај септември? Кои панели и презентации не смееме да ги пропуштиме?
Никола Врдољак: Зацртавме амбициозна цел, а тоа е деветтото издание на Weekend Media Festival да биде толку добро што сите ќе сакаат да дојдат и на десеттото јубилејно. Повторно зачекоривме во некои нови теми и повторно први ја отвараме приказната за сосема нови технологии за кои за неколку години сите ќе зборуваат. Предавачите кои сега веќе ги имаме во програмата гарантираат дека и оваа година во Ровињ можат да понудат информации за најновите трендови во светот, а на панел расправите исто така ќе ги собереме луѓето кои на креативен и иновативен начин го поврзуваат целиот регион со остатокот на светот.
M365: Панелот “Поглед преку оградата” е можеби единствениот таков регионален панел во кој во рок од два часа можевме да погледнеме брз преглед на сите пазари во регионот. Дали традицијата со овај панел продолжува и оваа година и дали гостите се веќе потврдени?
Никола Врдољак: Една од целите на фестивалот е на гостите да им се овозможи преглед на состојбите на струката во регионот. Регионот е природен пазар на сите, па е значајно и добро да се познава. Освен тоа, сакаме да го пренесеме знаењето и искуството и така да бидеме корисни за сите. Цела серија на панели и предавањаќе придонесе кон тоа и верувам дека нашите посетители ќе имаат богат избор на програма ако ги интересира што се случува во регионот. Самиот панел „Поглед преку оградата“ е еден од форматите кои на брз начин ги пренесуваа информациите. Бидејќи оваа година имаме доста регионална програма, одлучивме да не одиме со ист формат, туку да го смениме.
M365: BalCannes и SoMo Борец, го даваат тој натпреварувачки дух на Weekend Media Festival. Колку е тоа важно за овај настан?
Томо Рицов: Регионалниот настан BalCannes и наградата SoMo Борец се партнери на Weekend Media фестивалот. BalCannes уште една година по ред ќе ги вреднува најдобрите агенциски проекти од шест земји од регионот, додека SoMo Борец открива кои се најдобрите дигитални проекти.
Никола Врдољак: Двете награди се исклучително важни за Weekend бидејќи ги опфаќаат агенциите и кампањите од целиот регион. Она што е клучно е дека квалитетот на пријавените кампањи и на BalCannes и на SoMo Борец од година во година расте и е се` поголем бројот на агенции и клиенти кои имаат што да покажат.
M365: Виртуелната реалност сега стана “стварност“ повеќе од кога и да е овие години. Што ќе се зборува за неа на Weekend Media Festival?
Томо Рицов: Виртуелната реалност како и „augmented reality“, односно проширена реалност, веќе стана дел од секојдневието, па така и од маркетинг комуникациите. На Weekend Media Festival ќе се зборува многу за тоа и ќе се провлече како тема во многу панели и предавања. А освен што ќе можат да слушнат, посетителите ќе можат нешто од тоа и да испробаат. Една од поголемите агенции ќе претстави VR проект кадешто посетителите ќе можат навистина да ја доживеат виртуелната реалност.
M365: Забава и забава нон-стоп! На кои забави на овогодинешниот Weekend Media Festival ќе можеме “да земеме воздух“ ?
Томо Рицов: Weekend забавите и оваа година ќе бидат тема за која долго ќе се зборува и тоа не само колку се играло и се испило, туку и за нетворкингот остварен токму заради таа пазната опуштена атмосфера на Weekend. Тешко е да се каже дали е подобра забавата на концертите во салата Vrt или на after-party забавите во ровињскиот клуб Pepermint. Можам само да кажам дека цел тим работи на тоа и дека тоа ми е всушност најдрагиот дел од организацијата на Фестивалот. Она што сме успеале да го постигнеме е дека за Weekend забавите се зборува уште долго после самиот Weekend, па не се сомневам дека и оваа година сите добро ќе се забавуваат.
M365: Која е Вашата порака за македонската медиа – маркетинг индустрија?
Томо Рицов: Weekend Media Festival од самиот почеток се темели на идејата за дружење и нетворкинг во опуштена атмосфера, со предавања и презентации за темите кои се најактуелани на глобалната сцена. Со тоа сакаме да го поттикнеме и личното и бизнис вмрежување, бидејќи земјите од регионот поединечно се премногу мали за да на европскиот или светскиот пазар остават значаен белег. Основната порака на нашиот фестивал е секогаш иста – дојдете во Ровињ, погледнете што се работи во светот и во регионот, прокоментирајте го тоа со колегите и можеби од тие нови сознанија и искуства ќе се роди некоја нова идеја и некој нов проект!