Home » Во фокусот » Интервју со Виктор Петков, генерален менаџер на ”ВИПРО”

Интервју со Виктор Петков, генерален менаџер на ”ВИПРО”

Денешен гостин на Маркетинг365 е господин Виктор Петков, генерален менаџер на еден од брендовите со најголема традиција кај нас ВИПРО. Повеќе за него, неговата кариера и компанијата која ја води, во разговорот во продолжение:

Виктор Петков, ген.менаџер - Випро

Виктор Петков, ген.менаџер – Випро

1. Госпорин Петков, споделете ни нешто повеќе за Вас и Вашата кариера?

Моето име еВиктор Петков, во моентов работам како генерален менаџер на фирмата „Випро“ од Гевгелија. Роден сум во 1956 година и сум дипломиран економист при Економскиот Факултет во Скопје. Веднаш по моето дипломирање, во 1980 година се вработив во „Винојуг“ во одделот за увоз-извоз. Од 1987 година, во рамки на тогашното политичко окрупнување на агропрометот на ниво на Р.Македонија се префрлив во „Магро“, Скопје, како раководител на оддел за увоз-извоз. Веќе од 1990 година, го напуштив„Магро“ и формирав заедничка фирма со уште 3 партнера под називот „Макокомерц“, во Скопје, која успешно работеше неколку години. Со цел да супституира нешто од тоа што дотогаш го увезувале со домашно производство, заедно со грчки партнер во 1992 година ја креира производната фирма „Випро“, со која и ден-денес управува, сега како самостојна сопственост.

Во 2002 година, заедно со неколку други преработувачи од истата дејност, ја формиравме Македонската Асоцијација на Преработувачи на зеленчук и овошје МАП (Macedonian Association of Processors со мандат на претседател од 2006-2008 год ), која до ден-денес успешно функционира.


2. Како настана Випро ? Која е приказната позади овој бренд?

Випро постои од 1991 година. кога првобитно работеше трговија. Веднаш потоа, во 1992, се вклучи со производство на безалкохолни пијалоци (во тоа време успешната линија НАЈА соковите со слоганот „НАЈА соковите се Дар од Боговите“), а понатаму извесно време правеше и минерална вода.

Во 1998 година активираше линија за преработка на зеленчук – конкретно Домашен Ајвар. Специфично е што во тоа време немаше адекватна опрема за вакво производство, така да Випро самостојно креираше некои машини за оваа намена. Новиот производ, не само во Македонија туку во цело окружување и пошироко, првата година од производството не беше прифатен од пазарот бидејќи дотогаш сите си правеа дома Домашен Ајвар, така да, имаше голема недоверба во истиот. Но затоа наредната година се бараше тегла повеќе, така да дефинитивно тргна овој проект ”на голема врата”. Од почетни 15.000 тегли на сегашни 3.000.000 единици, но затоа и се создаде нов пазар пошироко кој ние денес го oценуваме на преку 10.000.000 единици (во Македонија и окружувањето). По истата иновација во 2000 година добивме Пехар-Признание „Еурека“ во Брисел.

  1. Кои производи стојат позади брендот Vipro?

Випро моментално произведува 6 категории на производи, односно: Tradition – специјалитети од зеленчук (домашен ајвар, лутеница, малиџано, пасирани домати, црвен пинџур, летен пинџур, Sunny Taste – кисел програм (цвекло, феферони, мешана салата, лист од зелка, маринирани пиперки, итн), Fresh Morning – сладок програм (слатка од јагоди, дуњи, портокал, тиква, зрели смокви, диви смокви, разни мармалади и џемови од сливи, јагоди, праска, вишни, итн.), De Luxe – полуксузна верзија на специјалитети од зеленчук (домашен ајвер, лутеница, црвен пинџур), Grillco – потпечен зеленчук (подлучена пиперка, потпечени тиквички, потпечен модар патлиџан, потпечени феферони, итн) и Вакуум програм (главица зелка, мешана салата, листови од зелка, итн.). Асортиманот постојано се проширува, редовно имаме новитети и секоја година програмот ни се збогатува со неколку производи.

Випро е извозно- ориентирана фирма, извезува во 17-20 светски дестинации, од земјите на поранешна Југославија (Србија, Црна Гора, Косово, Босна, Хрватска) па преку Австрија, Швајцарија, Германија, Белгија, Холандија, Шведска, Англија, понатаму САД, Канада, се до Австралија и Нов Зеланд. 80% од производството ни е пласирана во извоз.

  1. Каков тип на активности ја сочинуваат вашата маркетинг стратегија и кои се вашите планови за иднина? Дали дигитална стратегија според вас е добар маркетинг пристап?

Уште од самите почетоци – 1992 год, зад Випро стои комплексна маркетинг поддршка во сите делокруга на производство, пласман-дистрибуција, цена и промотивни активности, не само во  Македонија туку и пошироко. Само за дистрибуција во Македонија, Косово, Црна Гора, САД и Нов Зеланд има преку 50 возила кои „шетаат“ со Випро ознаки. Сме учествувале и учествуваме на мноштво саеми, од најпознатиот светски саем за храна Anuga, Келн – Германија, понатаму Sial, Париз – Франција, Букурешт Романија, Нови Сад Србија, Detrop – Грција, Талин Естонија, Fancy Food Show, Њујорк – САД, Торонто Канада, Приштина Косова, изложбени презентации во Сараево, Белград, Подгорица… И безброј средби со потенцијални купувачи. Присутни сме на Интернет, имаме наша модерна постојано обновувана веб страна, а повеќе од една година се рекламираме и на Facebook каде редовно имаме контакти со наши крајни потрошувачи, разни наградни игри, и сл. Почитуваме публицитет преку односи со јавноста, интервјуа на ТВ, весници, реклами… Понатаму користиме плакати, флаери и во секојдневните контакти, акции по дисконтните мрежи, малопродажните објекти и се што е потребно за подобрување на нашиот вкупен имиџ.
Особено сме горди на добиените над 20 награди од саеми и настани од Саем Нови Сад, наградата “Eureka” од Брисел, наградата “Stvaratelji Stoleca – 300 Najboljih” од Дубровник, “Hidden Champion” од CEEMAN – Словенија, нагарада од саемот Fancy Food Show New York за домашниот ајвар, повеќе признанија од USAID, признание од Стопанска Комора на Македонија во 2013 година за континуирани инвестиции, добиена награда Superbrand во Клубот на најпознати марки во Македонија, награда за производи со „најадекватна прометна употребна вредност“, Excellent признанија од Стопанска Комора на Македонија за 2015 година и 2016 година, Best Buy Award од Швајцарската организација Icertias за најдобар сооднос на цена-квалитет…

%d0%b2%d0%b8%d0%bf%d1%80%d0%be

  1. Колку вработените според вас се важен фактор за успешно работење?

Нашата компанија од 10 вработени, во 1998 се покачи на 15 за да константно расте и денес да броиме 80 редовни и 120 сезонски работници. Притоа соработуваме со повеќе од 1000 семејства кои произведуваат пиперка и преку 10тина откупни центри и трговци.

  1. Дали стратегијата за продажба периодично ја менувате: квартално/годишно или по потреба?

Секако, нашите производи ние ги нарекуваме „зимница“, и најмногу се трошат сезонски од септември па се до крајот на месец март, иако во современо време поради здравата исхрана се консумираат во текот на целата година. Секако стратегијата за продажба го следи истото и е димензионирана спрема времето, спрема државите и нивните навики, спрема потрошувачите…

  1. Што е она што ве издвојува од останатите домашни брендови на пазарот ?

Пионери сме во креирање на Домашниот ајвар, не само во Македонија туку и пошироко, пионери сме во активирање на Home made вкус (претходно воглавно беше евтино индустриски), имаме постојан континуитет, усовршување и развој.
Имаме постојано инвестирање во нова  опрема и технологија, константно проширување на производствениот програм и асортиман.

  1. Еден краток совет: која е стратегијата за успех според вас, кои се лекциите што вие ги научивте и би ги споделиле со останатите компании ? 

Иновација, решителност, доследност, упорност, пожртвуваност, работа, следење на пазарите и во набавка и во продажба, инкорпорирање на IT технологијата во секојдневното работење, развој и усовршување, континуитет, постојан развој на севкупниот имиџ.

 

Автор Наташа Гулевска

Наташа работи како маркетинг менаџер во Nova Solutions. Нејзиниот ангажман вклучува активности како осмислување концепти и развој на нови брендови, унапредување на маркетинг стратегиите на бројни домашни компании и Интернет маркетинг. Завршува постдипломски студии од областа на јавните политики, а љубовта кон креативното изразување и маркетингот покрај професионален избор и претставуваат и пасија. Контакт маил: natasha@solutions.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365