Првата самостојна изложба на цртежи на младиот графички и веб дизајнер Давид Ристевски, попознат какао Dreadpen, ќе биде отворена на 14 март со почеток во 20 часот, во Concept 37 во Скопје. Изложбата носи наслов Инвазија од чудовишта (Monster Invasion) и е инспирирана од не/секојдневни искуства, стрипови, цртани и филмови.
“Јас се трудам да ја прикажам интересната, светлата и насмеаната страна на чудовиштата. Не сакам асоцијација за чудовиште да ми биде нешто страшно. Затоа, на моите цртежи ги претставувам во друго светло, во интересни и смешни ситуации, како би можеле да не насмеат, да ни го разубават денот и да не оттргнат за момент од сивилото“- вели авторот Давид Ристевски.
Процесот на создавање на чудовиштата започнува со молив, а завршува на компјутер. При тоа некои од нив добиваат и текст, со што излегуваат од дводимензионалноста, добиваат карактеристика на вистински жив лик, кој ви се чини дека одамна го познавате и со кого може да разговарате.
“Инспирацијата за овие дела ја пронајдов во стрипови, цртани и филмови. Процесот на создавање на ликовите најчесто е спонтан и на некој начин претставува имагинарен излез од секојдневието кој еволуира во карактер. Со тек на време тој карактер прераснува во подобро осмислен и со своја приказна“- додава Ристевски.
Инвазијата од чудовишта ќе биде претставена во 22 дела/ цртежи со димензии од 40x40cm. Ќе бидат изложени и нови и веќе објавени илустрации. На изложбата ќе може да се најдат и маички со ликовите од чудовиштата, кои заедно со сликите ќе бидат од продажен карактер. Авторот ветува добра забава и ве поканува да ја посетите изложбата.