Во рок од само неколку дена, огласувачките гиганти Interpublic Group и Omnicom Group испратиле писмо до своите клиенти во кое ги советуваат да го паузираат нивното огласување на социјалната мрежа Твитер. Клиентите, секако, имаат можност автономно да одлучат дали ќе продолжат со огласување на платформата.
Како причина за ваквиот чекор преземен од огласувачките групации се наведуваат „продолжените ризици за безбедноста на брендовите“ кои што се забележливи на платформата по нејзиното купување од страна на Елон Маск и отпуштањето на голем број работници и извршни директори.
Се чини дека особен проблем претставува новиот ситем за платена верификација, кој што во изминатите неколку денови беше злоупотребен од корисници кои лажно се претставуваат како брендови, притоа нанесувајќи им голема штета на имиџот и акциите на вистинските брендови кои наводно ги претставувале. По документирањето на неколку вакви случаи, Твитер одлучи да го паузира првичниот систем за верификација и да се обиде да смисли поодржливо решение.
Првиот исчекор меѓу големите групации го направи Interpublic Group уште пред неколку денови, од каде ги посоветувале своите клиенти да почекаат јасни планови од социјалната мрежа во насока за подобреување на довербата и безбедноста на брендовите и да се види дали Маск може да спречи Твитер да стане, како што тој самиот претходно рече, „пеколен пејсаж“.
Потоа се огласија и од Omnicom Group, од каде на своите клиенти им препорачале да ја паузираат активноста на Твитер на краток рок додека „платформата не докаже дека повторно ги вовела заштитните мерки на прифатливо ниво и ја вратила контролата врз својата околина“.