За потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, маркетинг агенцијата Market Vision од Скопје изработи истражување за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и локално ниво, за првиот квартал на 2015 година.
Анкетирањето беше извршено со употреба на CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер користејќи полу – структурирани прашалник. Вкупниот примерок го сочинуваат 1.500 испитаници и е репрезентативен на ниво на Р.Македонија според регион, пол, возраст и националност.
Целото истражување можете да го симнете на ОВОЈ ЛИНК
Во продолжение неколку заклучоци од истражувањето:
РАДИО
- Во просек, радио дневно слуша 22% од македонската популација. Најмногу слушатели се застапени помеѓу популацијата на возраст од 20-29 години, со зголемување на возраста интересот за овој медиум опаѓа.
- Радио Антена е најслушано македонско радио, по што следуваат Канал 77, Македонско радио, Сити радио и Метрополис.
- Разгледувано по часови од денот, досегот на радијата започнува да расне во периодот од 7 до 8 часот за во периодот од 11ч до 15ч да го достигне максимумот од 11% по што започнува да опаѓа.
- Во текот на една седмица радиото допира до 40% (% од популација што барем еднаш во неделата слушал радио станица) од популацијата наМакедонија. Највисок неделен досег остварува Антена 5 – 19%, понатаму Канал 77 – 8,3%, Метрополис -7% и Македонско радио – 6,3%.
ТЕЛЕВИЗИЈА
- Во текот на еден ден телевизија гледа повеќе од половина од населението (54%). Гледаноста на телевизијата е помала кај помладите лица, додека постепено се зголемува со зголемување на старосната граница.
- Од телевизиите што зрачат на државно ниво преку сателит најгледана е ТВ 24 Вести – 81% од одговорите на испитаниците што се изјасниле дека гледаат ТВ на државно ниво преку сателит. Гледачите на телевизиите што зрачат на државно ниво преку сателит најчесто гледаат вести -77%, додека останатите содржини што ги прикажуваат овие телевизии имаат значително пониско ниво на гледаност.
- Најгледани регионални и локални канали се Ера и Едо во регионот Д1 Скопје, Тиквешија и КТВ во регионот Д1 Велес, Феста и К Три во регионот Д2 Страцин, Ирис и Д1 (Канал плус) во регионот Д3 Туртел, Телеканал А1 и Вис во регионот Д4 Боскија, Тера и ХД Мега во регионот Д5 Пелистер, О2 и Калтрина во регионот Д6 Мали Влај, Канал Три во регионот Д7 Стогово и Коха и Менада во регионот Д8 Попова Шапка
- Најгледани содржини на локалните и регионалните телевизии се вести, играни филмови и забавните емисии
- Телевизиски станици со најголем просечен неделен досег се националните телевизии: ТВ Сител – 42% и ТВ Канал 5 – 41%, по што следуваат Алфа –25% , Телма – 25% и МТВ – 23%. Алсат-М – 17%.
- Скоро половина од населението телевизискиот сигнал го добива преку кабелски оператор, потоа следува IPTV со 27% од населението додека скоро 10% од населението телевизискиот сигнал се уште го добива преку обична антена односно преку дигитален приклучок но без да плаќа месечна претплата.