Италија поднесува пријава до УНЕСКО за додавање на еспресото кон листата на светско нематеријално културно наследство, бидејќи „кафето е многу повеќе од обичен пијалак – тое е автентичен ритуал“.
„Тоа е интегрален дел од нашиот национален идентитет и израз на нашите социјални односи кои нé разлилуваат ширум светот“ – посочи заменик-министерот за земјоделство на Италија, Џан Марко Сентинајо, во изјава за Sky TG24.
Еспресото е толку проткаен елемент на италијанската култура, што според Италијанскиот институт за еспресо, 90% од граѓаните на државата пијат барем еден филџан еспресо на ден.
Меѓутоа, ова не е прв пат како Италијанците се обидуваат да го регистрираат еспресото за светско културно наследство. Минатата година, пријавата била одбиена поради тоа што била поднесена од страна на две различни организации – „Конзорциумот за заштита на традиционалното италијанско еспресо кафе“ и регионот на Кампанија. УНЕСКО потоа им порача на организациите да ги спојат своите апликации во една и да се обидат повторно.
Овој пат, постапката за признавање на еспресото како културно наследство ја отпочна италијанското Министерство за земјоделство, храна и шумарство, по што пријавата треба да оди на одобрување кај италијанската Национална комисија за УНЕСКО, а потоа да биде поднесена во самото седиште на УНЕСКО.
Заменик-министерот Сентинајо е убеден дека овогодинешната пријава ќе биде успешна.
„Филџанот еспресо за сите Италијанци претставува социјален и културен ритуал кој исто така е рефлектиран во литературата и ја фасциниран целата држава, од Неапол до Венеција и Трст, преку Рим и Милано“ – заклучува Сентинајо.
Доколку еспресото биде навистина признаено од УНЕСКО, тоа не би бил првиот италијански прехрамбен артикл кој се нашол во таква ситуација. Имено, во 2017 година, УНЕСКО ја призна Неаполитанската пица како еден од културните симболи на државата.