И покрај одредени проблеми во последните неколку месеци, пазарот на дигитални NFT-а продолжува да расте, а голем број на вакви дигитални средства се базирани врз постоечки, физички уметнички дела.
Во еден таков пример, NFT базиран врз сликата “Doni Tondo” од Микеланџело (создадена во првата деценија на 16 век) беше продаден по цена од 240,000 евра од страна на Галеријата Уфици од Фиренца.
Иако Галеријата заработила 70,000 евра од продажбата на тој NFT, инаку „искован“ од миланската компанија Cinello, вниманието на јавноста беше предизвикано кога беше откриено дека 100,000 евра биле потрошени за „продукциски трошоци“. Покрај сликата на Микеланџело, истата фирма од Милано имала создадено NFT-а и од слики на Леонардо да Винчи и Амадео Модиљани.
Во мај оваа година, италијанскиот дневен весник la Repubblica покрена јавна дебата за тоа кој всушност е сопственик и го има правото врз сликата “Doni Tondo” на Микеланџело. Весникот ја постави дилемата дали постои ризик за италијанската нација да ја изгуби контролата врз сопственото културно наследство, како што светот чекори кон „метаверзумот“.
Поради комплексноста на проблемот, Генералниот дирекоторат за музеи на Италија побарал од сите музеи и археолошки локалитети привремено да се воздржат од склучувањето на нови договори за издавање на NFT-а. Дополнително, италијанските власти наводно работеле на законски дополнувања со кои би регулирало создавањето на NFT-а од нивните музејски експонати во иднина, пренесува порталот The Art Newspaper.
Поддржувачите на NFT-технологијата велат дека дигиталните копии на оригиналните уметнички дела можат само дополнително да ја заинтересираат помладата публика за запознавање со светот на уметноста, а истовремено и да им донесат значаен приход на галериите и музеите.
Но, од друга страна, сепак останува етичкото прашање дали светските ремек-дела на уметноста, од автори кои веќе не се меѓу живите, треба да добијат дигитални копии со паралелни сопственички права?
Останува да видиме како Италија ќе ја реши дилемата и дали други држави ќе тргнат по нејзините чекори.