Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години.
Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад визуелен уметник во Македонија од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2022 година но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Отворениот повик траеше од 17 март до 30 април, 2022 година и се пријавија дваесетина кандидати.
Жири комисијата во состав: Лилиа Куделиа (Киев/Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк, Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово, и Елена Чемерска (Скопје/Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година, одбра четири финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата.
Во изборот на 4 финалисти влегоа:
– Дарко Алексовски
– Ивана Мирчевска
– Кристина Пулејкова
– Зоран Шекеров
Исто така, жирито посебно ги пофали уметничките Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Марија Трпеска и дополнително ги окуражи да продолжат со својата работа.
По овој процес на одбирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 23 јуни 2022 год. во Национална галерија на Република Северна Македонија – Мала станица во Скопје а жирито, кое ќе се дополни со два члена од интернационалната уметничка сцена, ќе го/ја избере и добитникот/добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).