Европскиот парламент го поддржа контроверзниот закон за авторски права кој ја подели онлајн заедницата, технолошките гиганти и издавачите
Со 348 гласа за и 274 против, на 26 март 2019 година, Европскиот парламент ја усвои Директивата за авторски права на единствениот дигитален пазар на Европската унија. Целта на оваа директива, позната е усогласување на авторските права во ЕУ или создавање на единствен дигитален пазар. Овој закон, како што истакнуваат европските институции, треба да го затвори “јазот на вредности” помеѓу профитот кој го добиваат интернет платформите и креаторите на содржини. Или со други зборови, дел од парите треба да завршат во џебовите на авторите на содржината.
Членови 11 и 13 од оваа Директива предизвикаа загриженост меѓу онлајн заедницата поради нејасноста за тоа како ќе влијае врз иднината на споделување содржина.
Член 11 вели дека пребарувачите (како Google) и платформите за споделување на вести (главно социјалните мрежи) треба да плаќаат за користење на линкови до веб-страниците со вести, но членот 13 е оној кој навистина предизвика емоции меѓу корисниците на интернет, но и технолошките гиганти. Според овој член, технолошките компании ќе бидат одговорни за содржините објавени на нивните платформи.
Тоа е еден вид на цензорски филтер кој ќе мора да го воведат сите онлајн платформи, за да се контролира што корисницитете поставуваат на интернет. Ова значи дека секоја фотографија, видео, аудио, текст, па дури и програма, ќе биде контролирана, а содржината ќе биде блокирана доколку ги прекрши одредбите на законот.
Технолошките компании се противат на измените, тврдејќи дека тоа ќе бара сеопфатни филтри за да се спречи кршењето на авторски права, додека други критичари, исто така, изразија загриженост дека законот на авторските права може да оневозможи споделување цитати, пародии и мемиња поради нејаснотии во начинот на спроведување на новите правила, па затоа изјавија дека законот може да резултира со “прекумерно” блокирање само со цел да се обезбеди усогласеност со новите регулативи. Поради оваа причина, многумина го нарекоа овој закон “убиец на мемиња”.
Извршната директорка на YouTube, Сузан Војицки дури и ги повика инфлуенсерите на нејзината платформа да го “спасат” на интернетот, бидејќи член 13 “се заканува да им оневозможи на милиони луѓе да прикажуваат содржина на платформи како што е YouTube.”
Промените, сепак, ги поздравија издавачките куќи и медијаторите кои имаат проценти од авторските права, тврдејќи дека овие измени на законот се единствениот начин да се осигура дека изведувачите добиваат праведен надомест за содржината која се споделува преку технолошки платформи.
Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани рече дека новите правила ќе “стават крај на постоечкиот дигитален див запад со воспоставување на современи правила”.
Google од друга страна тврди дека овие мерки “би довеле до правна несигурност и би ја загрозиле европската креативна и дигитална економија”, додавајќи: “Деталите се важни и се надеваме на соработка со креаторите на политиката, издавачите, креативците и носителите на авторски права во процесот на воведување на овие правила во ЕУ “.
Софи Гусенс, советник во адвокатската фирма Рид Смит, исто така, забележува дека од овие промени нема да страдаат толку многу технолошките гиганти како што се Гугл и Фејсбук колку помалите компании кои немаат капитал и експертиза за спроведување на потребните промени.
“Најголемите технолошки платформи веќе имаат имплементирано филтри за вчитување на содржините, но оваа технологија може да биде скапа да се испорача или може да бара многу време (и многу пари) за интерен развој. Постои загриженост дека овие нови регулативи најмногу ќе влијаат врз помалите европски технолошки компании, а не врз американските технолошки гиганти”, изјави таа.
Земјите членки на ЕУ ќе имаат време од две години од објавувањето на новите закони до импементирање во нивното законодавство.