Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за „млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка“ во Македонија до 35 години.
Процесот на доделување на наградата ДЕНЕС во 2022 година се состои од:
Национална галерија на Македонија – мултимедијален центар „Мала станица“
22 јуни (среда), 19 часот – Презентации на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ
23 јуни (четврток), 20 часот – Изложба на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ и церемонија за наградата
Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за „млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка“ во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2022 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).
Жири комисијата за XVI награда ДЕНЕС е составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.