Уметничката галерија Ел Греко од Скопје подготви изложбата на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија – Мерсад Бербер, која ќе се отвори на 30 ноември, вторник, во 19.00 часот.
Мерсад Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Оваа значајна индивидуа од поранешно југословенското уметничко милје е една од ретките фигури која постигнува меѓународна признаеност и кариера, негови дела се наоѓаат во бројни меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои треба да се истакне фактот што негови дела се откупени и изложени во Галеријата Тејт во Лондон од циклусот Hommage à Velásquez.
Мерсад Бербер е по потекло од Босна и Херцеговина, од малото место Босански Петровец. Тој постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, со стекнати знаења и обуки на до-дипломски и магистерски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, а секако и во дисциплината на сликарство, цртеж, илустрација, сценографија, костимографија итн.
Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми, со помош на која успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови. Бербер се појавува на ликовната сцена во 60-те години на XX век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му го трасираат интернационалниот подем и визибилност во кариерата.
Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели.
На изложбата ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката glicée. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември во галеријата Ел Греко на ул. Максим Горки 17 во Скопје.