Основачот и генерален извршен директор на социјалната мрежа Twitter, Џек Дорси, го продаде својот прв твит за скоро 3 милиони долари.
Твитот, објавен на 21 март 2006 година, доаѓа во форма на „незаменлив токен“ (non-fungible token – NFT) и едноставно гласи “just setting up my twttr.” („само го поставувам мојот твитер.“). Постот т.е. незаменливиот токен беше продаден на аукција преку платформата Valuables, во сопственост на американската компанија Cent.
Според генералниот извршен директор на Cent, Камерон Хеџази, твитот бил продаден за 1630.5825601 единици на криптовалутата „етереум“, што е еднакво на 2,915,835.47 долари. Од компанијата исто така потврдија дека нов сопственик на твитот е Сина Естави, генерален извршен директор на „блокчејн“ компанијата Bridge Oracle.
Џек Дорси првично објави линк до платформата каде што неговиот твит беше поставен за продажба на 6 март. Во дополнителен твит, тој објасни дека приходите од аукцијата ќе ги конвертира во криптовалутата „биткоин“ и ќе ги донира на фондот „Africa Response“ на непрофитната организација Give Directly.