Британскиот телевизиски канал Sky Sports и најголемата in-house креативна агенција во Европа, Sky Creative, создадоа емотивна реклама која ги слави сите начини на кои спортот ги негува животите на фановите и спортските ѕвезди.
Насловена „Јас сум спортот“ (“I Am Sport”) и создадена во актуелните околности на глобална пандемија, рекламата претставува микс од телевизиски содржини на Sky Sports и домашни снимки на спортски ѕвезди и фанови кои продолжуваат да се активни и во домашни услови на карантин. „Јас сум спортот, но јас сум ништо без вас“ е заклучокот кој го дава нараторот на спотот.
Рекламата вклучува познати спортски имиња како фудбалерите Џејмс Милнер, Хери Винкс и Алекс Окслејд-Чемберлејн, голферот Рори Мекилрој, ирската боксерка Кејти Тејлор и многу други. Сите од нив се согласиле своите хонорари од рекламата да ги донираат на хуманитарниот партнер The Youth Sport Trust, кој им помага на младите луѓе да останат активни и здрави за време на пандемијата.