Home » Во фокусот » Да придонесеме во Јавната расправа за предлог-законот за инфомативни и рекламни кампањи

Да придонесеме во Јавната расправа за предлог-законот за инфомативни и рекламни кампањи

Јавна расправа за Предлог – законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции предвидено е да се одржи денеска во Собранието на Република Македонија во организација на Комисијата за транспорт, врски и екологија. 

За сите кои немале прилика да го разгледаат Предлог-законот, може да го симнат од ОВОЈ ЛИНК.

Со Предлогот за овој Закон предвидено е да се уредуваат начинот и условите за реализација на активностите на јавно информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределбата на буџетoт за кампањи за чија реализација се предвидени над 100.000 ЕУР во денарска противвредност, како и начинот на известување на Агенцијата за реализираните кампањи во претходната година.

Во изминатиов период во јавноста со свои ставови за содржината и суштината на овој закон излегоа повеќе медиуми, здруженија и претставници на институции но се` некако во коментарите преовладуваше политичка конотација без притоа да се дискутира за импактот на законот врз маркетинг индустријата и точно да се сугерираат измени кои ќе го подобрат законот.

Со оглед на тоа што законот е директно поврзан и со функционирањето на медиа-маркетинг индустријата во земјава, адвертајзинг, телевизискиот, радискиот, печатениот и интернет пазар, се надеваме дека со свои ставови ќе се произнесат и Македонската асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ) и ИАБ Македонија, а во меѓувреме еве неколку забелешки и коментари од нас како специјализиран медиум чија цел е да ја афирмира индустријата и да придонесува во развојот на истата:

1.  Во членот 7 од предлог-законот каде што се предвидува избор на маркетинг агенција за спроведување на информативната или рекламната кампања, треба да се предвиди дополнување со кое ќе се вметнат критериуми по кои ќе се одбираат маркетинг агенциите.

2. За членот 8 имаме неколку коментари:

  • Маркетинг агенциите кои ќе ги спроведуваат кампањите во овој член се ограничуваат кои медиуми да ги користат за кампањата. Во предлогот пишува дека за потребите на кампањите ќе се прави закуп на телевизија, радио, печат и интернет, а никаде, на пример, не е вмтнат outdoor како медиум за спроведување на некоја кампања (билборди, подвижни реклами на автобуси, амбиентален маркетинг итн..) или принтани материјали (флаери, дорхенгери итн..).
  • Во членот 8, став 2, во законска рамка се предлага да се стави процент (75%) на распределба на медиа планот за телевизии и радиа.
    Ние сметаме дека целосно е непрактично и непотребно со закон да се определува колкав дел од определен буџет за закуп на медиуми за потребите на определена информативна или рекламна кампања ќе оди на определен тип на медиуми. Треба да се остави на самата маркетинг агенција да соодветствено на целната група кон која е насочена кампањата – се изберат најсоодветните видови медиуми и обемот колкав дел од информативната и рекламна комуникација ќе биде преку нив.
    На пример: Целосно непрактично би било за кампања која е насочена кон младата популација, 75% од буџетот за кампањата да се потроши на ТВ и радио знаејќи дека најголем број од таа популација користи интернет за да се информира.

3. Во членот 12, став 2, кој се однесува на читаноста и посетеноста на печатените медиуми и интернет порталите се предвидува рангирање на интернет сајтовите според податоците кои интернет издавачите ќе ги достават преку нивниот Google Analytics извештај.
Ние сметаме дека ова рангирање може лесно да се манипулира со оглед на тоа што секој интернет издавач може да манипулира со бројките кои се прикажуваат во Google Analytics со поставување на двојни кодови на интернет сајтовите или едноставна Photoshop шминка.
За да се надмине овој предизвик треба да се обезбеди трета независна страна која ќе ги мери посетителите на интернет сајтовите и ќе ја истражува читателската публика и која ќе ги доставува тие податоци до Агенцијата и маркетинг агенцијата избрана за имплементирање на кампањата.
Истото независно мерење е присутно и кај телевизиите, па затоа тоа треба да се преслика и за интернет сајтовите.
Исто така, со оглед на тоа што закупот кај интернет сајтовите во Македонија веќе неколку години наназад се прави по импресии (една импресија е една импресија на било кој сајт) , бројот на остварени вкупни импресии не смее да биде единствен критериум за рангирањето и изборот на интернет портал преку кој ќе се спроведува определена кампања, туку по извршено истражување на читателската публика, со бројните софтвери кои стојат на располагање и се познати на маркетинг агенциите, треба да се “брка“ читателска публика која поседува определени демографски и психографски карактеристики и атрибути кои најмногу одговараат на целната група на кампањата.

4. Во членовите 13 (став 2), 14 (став 2) и 15 (член 3) според предлог-законот се предвидува на телевизиите, радијата, печатените медиуми и интернет порталите да им “се пребиваат“ парите предвидени за некоја информативна или реклама кампања со парите кои тие ги добили на основ на спонзорство или донација.

Сметаме дека нема никаква поврзаност помеѓу двете работи (јавна рекламна или информативна кампања и добиено спонзорство или донација) и дека ваква одредба е излишна во закон што треба да го уредува  начинот и условите за реализација на активностите на јавно информирање од страна на јавните институции.

Дали Вие имате некаква забелешка или коментар кон овој предлог-закон? Што мислите како овој закон ќе се одрази Врз медиа-маркетинг пазарот?

Маркетинг365 Ви стои на располагање да го споделите Вашиот став од стручен агол преку колумна, текст или коментар испратени на маил (contact@marketing365.mk) или да се надоврзете на оваа статија во делот за коментирање подолу.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365