Кога ќе дојде периодот на божиќни кампањи, постои една реклама која сите ја чекаат со нетрпение – онаа на британскиот ланец стоковни куќи John Lewis & Partners и нивниот сестрински ланец на супер-маркети Waitrose & Partners. Чекањето заврши и воопшто не сме разочарани.
Овогодишната реклама на John Lewis и Waitrose, насловена „Give A Little Love“ („Сподели малку љубов“), е малку поразлична од претходните година, со тоа што наместо долга наратива, добивме спот составен од девет различни стилови на анимација кои илустрират секојдневни дела на добрина.
Разликите во стиловите се должат на одлуката на брендот да ангажира поголем број на креативци, уметници и студенти кои ќе работаат на кампањата, сé со цел да ја помогне британската креативна индустрија која оваа година беше силно погодена од пандемијата.
Исто така, рекламата за прв пат користи оригинална песна, наместо преработка. Емотивната песна именувана „A Little Love“ („Малку љубов“) е напишана и компонирана од страна на британската соул-музичарка Celeste.
Божиќната кампања има за цел да собере 4 милиони британски фунти кои е бидат донирани на две хуманитарни организации: FareShare, која им помага на луѓето кои се соочуват со сиомаштија и недостиг на храна, и Home-Start, која им помага на родители кои имаат потреба од помош.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Adam & Eve/DDB и продукциската куќа Pulse Films.