Пред две недели, британската компанија John Lewis лансираше нова кампања за промоција на својата понуда за осигурување на домот.
Централниот спот на кампањата “Let Life Happen” прикажуваше момче облечено во алиштата на својата мајка како танцува и понесено од музиката предизвикува уништување низ домот, додека неговата сестра и мајка го гледаат со изненадување.
Веднаш по објавувањето, спотот наиде на бројни критики дека рекламата наводно била „сексистичка“, „глупаво провокативна“ и го охрабрувала лошото однесување кај децата.
Кон британското регулаторно тело за огласување биле упатени дури 130 поплаки во врска со рекламата.
Од John Lewis првично цврсто застанаа позади кампањата, укажувајќи дека детето не го прави уништувањето во домот намерно, туку несвесно и понесено од драматичноста на својот перформанс. Од компанијата објаснуваа дека нивната понуда за осигурување би покрила и ненамерни оштетувања во домот предизвикани од играта на деца.
Меѓутоа, во целата приказна се вмеша и регулаторното тело за финансиско деловно работење. Според нив, рекламата не била доволно јасна во однос на осигурителната понуда и можела да доведе до погрешно разбирање од страна на потрошувачите.
На крајот, од John Lewis попуштија и ја повлекоа рекламата, сепак бранејќи ја оригиналната идеја и намера. Од компанијата исто така посочија дека ќе ги контактираат сити оние кои го купиле осигурителниот пакет за да се уверат дека добро ги разбрале условите на договорот.