Препознатливото курзивно лого на американскиот фармацевтски гигант Johnson & Johnson, опишано од страна на самата компанија како „еден од најдолго користените корпоративни амблеми во светот“, заминува во историјата после 135 години употреба.
Старото лого на компанијата било воведено во далечната 1887 година, а се заснова на личниот ракопис на ко-основачот Џејмс Вуд Џонсон. Но, сега, Johnson & Johnson се одлучи да го „исправи“ крузивот, означувајќи нова ера во развојот на компанијата.
Ребрендирањето доаѓа во време кога компанијата се дели на два брендови. Првиот од нив ќе го задржи името Johnson & Johnson и ќе се фокусира на фармацевтски производи и медицински помагала. Другиот бренд, кој ќе биде познат под името Kenvue, ќе служи како ознака за производите за широка потрошувачка.
Новото „исправено“ лого на Johnson & Johnson ќе се користи во долга и скратена форма со варијантата „J&J“, а ќе ја задржи традиционалната црвена боја, но во нешто посветла нијанса. Бојата треба да продолжи да ја симболизира итноста т.е. способноста за брз одговор кон предизвиците во здравствената заштита.
Покрај логото, новиот бренд идентитет на Johnson & Johnson со себе повлекува и нова уметничка насока. Преку илустрации, фотографија и многу повеќе, компанијата ќе се обиде да одразува енергија, оптимизам и инклузивност. Овој специфичен пристап на брендирање во сферата на здравствената заштита треба ја одразува посветеноста на компанијата кон посветла и понадежна иднина.