Американскиот комичар и политички коментатор Џон Стјуарт ќе се врати како водител и извршен продуцент на телевизиската сатирична емисија “The Daily Show” на Comedy Central.
Стјуарт ја водеше емисијата од 1999 до 2015 година, стекнувајќи се со голема популарност меѓу јавноста и со голема почит меѓу медиумските и новинарските професионалци. Според некои мислења, шеесет и едногодишниот Сјуарт е пионер во симбиозата на комедијата и политиката во американскиот медиумски простор.
По повлекувањето во 2015 година, Сјуарт беше наследен од јужноафриканскиот комичар Тревор Ноа, којшто го водеше шоуто до 2022 година. Во изминатите две години емисијата се релизираше со ротирачка екипа од водители-гости. Меѓутоа, шоуто никогаш не успеа да ја достигне истата гледаност како во времето на Џон Стјуарт.
Во меѓувреме, Стјуарт уживаше во неколкугодишна пензија, по што во 2021 година ја започна емисијата “The Problem with Jon Stewart” која се емитуваше на стриминг сервисот Apple TV+. Емисијата не го исполни својот потенцијал и беше прекината во 2023, наводно поради недостаток на креативна слобода.
Со враќањето на Џон Стјуарт во “The Daily Show”, од телевизијата Comedy Central и матичната медиумска компанија MTV Entertainment Group се надеваат дека емисијата ќе ја врати и својата релевантност меѓу јавноста и значително ќе ги подобри рејтинзите – особено имајќи предвид дека во САД претстојат избори за претседател.
„Стјуарт е гласот на нашата генерација и ние сме почестени што ќе го вратиме во “The Daily Show” на Comedy Central за да ни помогне на сите да го разбереме лудилото и поделеноста што провејува низ земјата како што влегуваме во изборната сезона. Во ова време на запрепастувачко лицемерие и перформативна политика, Џон е совршена личност да ја пробие празната реторика и да ни ја понуди многу потребната јасност со својата брилијантна духовитост“ – истакнува извршниот директор на MTV Entertainment Studios, Крис Мекарти.
Џон Стјуарт ќе ја води емисијата во понеделник, почнувајќи од 12 февруари 2024 година.