Познатиот јужноафрикански комичар Тревор Ноа најави дека се повлекува од водителската позиција на сатиричната емисија The Daily Show на американскиот телевизиски канал Comedy Central.
„Сакав да го водам ова шоу, тоа беше еден од моите најголеми предизвици, тоа беше една од моите најголеми радости. Но, по седум години, се чувствувам дека дојде време време. Сфатив дека има уште еден дел од мојот живот што сакам да продолжам да го истражувам. Ми недостига да учам други јазици, ми недостига да одам во други земји и да организирам шоуа. Ми недостига само да бидам насекаде и да правам сè“ – посочи Тревор Ноа во најавата за своето повлекување пред фановите на The Daily Show.
Ноа ја водеше сатиричната емисија седум години, од 2015 година, кога ја наследи од легендарниот Џон Сјуарт кој успеа да го револуционеризира овој формат на забавна програма и да го издигне до ниво на светска препознатливост.
Меѓутоа, повлекувањето на Тревор Ноа доаѓа во време на значително опаѓање на популарноста на вечерните забавни емисии на телевизискиот пазар во САД, што е одразено и во релативно ниските рејтинзи на самата програма The Daily Show.
Во август 2022 година, емисијата привлекувала просечна гледаност од 383,000 гледачи, што претставува пад од 65% во однос на гледаноста на емисијата во 2015 година кога просечно привлекувала по 1.1 милиони гледачи. На својот дебитантски настап во септември 2015 како водител на The Daily Show, Тревор Ноа привлекол дури 3.47 милиони гледачи.
Од телевизиската куќа Comedy Central потврдија дека емисијата ќе продолжи да се емитува со нов водител/ка, меѓутоа нивното име сé уште не е познато.
A special message from Trevor Noah pic.twitter.com/lMM8ll51fu
— The Daily Show (@TheDailyShow) September 30, 2022