Компанијата за дизајн LoveFrom на познатиот англиски дизајнер Сер Џони Ајв склучи повеќегодишно партнерство со италијанскиот производител на луксузни автомобили Ferrari и матичната холдинг-компанија Exor.
Според соопштението на Exor, партнерството „ќе ги спои легендарниот перформанс и извонредност на Ferrari со неприкосновеното искуство и креативност на LoveFrom“.
Креативното студио LoveFrom е основано во 2019 од страна на Сер Џони Ајв и Марк Њусом и како дел од себе вклучува дизајнери, уметници, архитекти, инжинери, писатели и музичари.
Пред да биде основано студиото, Џони Ајв работеше цели 27 години во технолошкиот гигант Apple и носи заслуги за водечка креативна сила во дизајнот на производи како iPod, iPhone, iPad и Apple Watch. Студиото LoveFrom и Apple сé уште оддржуваат блиски деловно односи, но причината поради која Џони Ајв се осамостоил и основал своја компанија е за да може да работи и со други големи субјекти, како што е сега случајот со Ferrari.
Сé уште не е познато на што всушност ќе работаат дизајнерите од LoveFrom за Ferrari, дали тоа ќе биде цели автомобили или само одредени делови и додатоци. Меѓутоа, со оглед дека се работи за најавено долгогодишно партнерство, веројатно е дека со текот на годините дизајнерското студио ќе презема сé поголеми одговорности.
„Ние сме возбудени што започнуваме толку важна и долгорочна соработка со Ferrari и пошироко со Exor. Како сопственици и колекционери на Ferrari, ние не можеме да не бидеме толку возбудени што ќе соработуваме со оваа извонредна компанија и конкретно со нивниот дизајнерски тим предводен од Флавио Манцони,“ посочуваат во своето писмо основачите на LoveFrom, Џони Ајв и Марк Њусон, по повод партнерството со Ferrari.