Глобалниот оперативен директор на EssenceMediacom, Џош Кришефски, е номиниран за нов претседател на британскиот Институт на практичари во адвертајзингот.
Институтот на практичари во адвертајзингот (ИПА), основан со Кралска повелба во 1917 година, е трговско тело и професионален институт за агенции и поединци кои работат во индустријата за огласување, медиуми и маркетиншки комуникации во Обединетото Кралство. Во организацијата моментално членуваат 268 агенции.
Официјалниот избор за нов претседател треба да се одржи за време на Годишното собрание на ИПА на 23 март 2023 година, а Џош Кришефски треба да го наследи Џулијан Даглас, потпретседател на агенцијата VCCP.
Кришефски бил избран како претседателски кандидат по формален тримесечен процес на селекција предводена од поранешниот претседател на организацијата Најџел Ваз, инаку генерален извршен директор на Publicis Sapien, кој го предводел Претседателскиот комитет за номинирање.
По повод номинацијата, Кришефски изјави: „Навистина ми е чест што бев избран за следен претседател на ИПА. Со нетрпение очекувам да се надоградам на извонредната работа на моите претходници во застапувањето на нашата индустрија, нејзината креативност и нејзиното влијание во светот. Живееме низ исклучително турбулентен период кој ја преобликува економската, социјалната и природната средина. Како ќе продолжиме да се прилагодуваме како индустрија е апсолутно клучно за тоа како ние и нашите клиенти ќе преживееме и ќе напредуваме во годините што следат“.