По првото издание на иницијативата “Éco d’Eau” („Еко вода“), кое ја подигна свеста кај 10 милиони француски граѓани и стотици партнерски организации за акциите поврзани со зачувувањето на водните ресурси, францускиот гигант за управување со водите Veolia се враќа со нова „уметничка“ кампања.
Овој пат, Veolia и нивната креативна агенција Hungry and Foolish предлагаат уникатна и шокантна кампања која ја издигнува водата до статус на наследство што треба да се зачува, исто како и француското културно наследство. Тие претставија пет дела инспирирани од работата на импресионистичките сликари, уметничко движење од 19 век кое водата и природата ги постави во својот фокус, потопувајќи нè во свет кој страда од недостиг на вода. Кампањата нè повикува да станеме свесни за итноста со која се соочуваме: „Водата е дел од нашето наследство. Да ја зачуваме“.
Што станува со бујните градини, зелените езерца и бродовите кои пловат, насликани од импресионистите, кога би се соочиле со суша? Тоа се слики кои гледачот го соочуваат со исчезнувањето на виталното човеково наследство: водата.
Во 2024 година, вештачката интелигенција ни овозможува да видиме еден поразличен свет низ очите на сликарите од 19 век. Овие дела биле откриени по повод Светскиот ден на водата (22 март), за да можат сите заедници, професионалци, здруженија, бизниси, граѓани и други, да се освестат и да се посветат на зачувување на светските водни ресурси. Затоа што во опасност е наследство кое никогаш не го забележуваме толку многу како кога е отсутно: водата.
Преку креативни визуелни решенија во печатените и дигиталните медиуми, Veolia ги поканува француските граѓани да се придружат на нивната иницијатива, со слоганот „Секоја акција се брои“, преку специјално посветениот веб-сајт: ecodeau.org.