Често забораваме на опсегот и брзината на промените што се случија во текот на 20 век. Таласот на научните откритија и технолошкиот напредок смени многу аспекти на работата и секојдневниот живот на луѓето. Бидејќи веќе зачекоривме во дигиталното време, неопходно е да се сфатат промените што се случуваат денес и да се прилагодиме на новиот облик и начин на работа.
Моментално многу работи подразбираат тежок физички труд, мали плати, долг пат до работа, но и малку простор за професионално напредување и лично исполнување. Дали дигитализацијата тоа ќе го промени? Сигурно е дека дигиталното време барем ќе создаде можност за редефинирање на работата и работните места. Брзата поврзаност направи далечината да не претставува пречка за луѓето кои сакаат да соработуваат. Можно е да работите онаму каде што сакате и во кое време сакате, што во еден дел го зголемува квалитетот на животот на луѓето, кои на пример, наместо на долгиот пат до работа, можат да го поминат времето со семејството. Од друга страна, брзите промени со себе носат одредена несигурност, со оглед на тоа што неопходна последица на сè поголемата стапка на автоматизација е загубата на многу работни места. Природно е да се запрашаме дали нашата работа е загрозена.
Колку и да се трудиме да дадеме одговори на овие прашања, невозможно е да се предвиди иднината, но она што ни преостанува е да учиме од минатото. Индустриската револуција, која започна во 1900 година, донесе нова технологија и поинакво разбирање на работата. Машините заменија многу вешти работници. Меѓутоа, истовремено е обезбедена голема можност за образование, дотогаш недостапна за многу земјоделски работници од руралните области. Развојот на новите технологии предизвика потреба за развој на низа нови вештини кои биле неопходни за управување со модерните машини во тоа време. Ние се наоѓаме во момент кога е неопходно да се прилагодат сопствените вештини на се` поголемиот интензитет кој го достигнува дигиталната револуција. Ако сакаме да учиме од искуствата на луѓето од минатото, бизнис лидерите треба да ги дефинираат вештините кои ќе бидат неопходни во иднина и да им помогнат на своите вработени да ги развијат.
Едно е сигурно: технологијата го поттикнува развојот на човечките вештини и скриените потенцијали на поединците, како физичките, така и интелектуалните. Можеби тешката работа и аналитичките задачи ќе им ги препуштиме на машините и роботите. Но, исто така, сигурно е дека користењето на дигиталната технологија, како што е вештачката интелигенција, ќе го забрза развојот на нови таленти и вештини кај многу луѓе.
Во некои сектори недостатокот на ИТ вештини веќе ја кочи дигиталната трансформација. Токму затоа многу влади и стопанственици активно ги охрабруваат младите луѓе да студираат на природни науки, математика и инженерство. Важно е да се истакне дека не мора сите да бидеме софтверски инженери, но во иднина ќе бидат потребни работници кои имаат желба постојано да учат и да споделуваат знаење, со развиена социјална интелигенција, односно способност да развиваат добри односи со колегите, во и надвор од работната околина. Подедначно е важно работниците да разберат на кој начин технологијата го менува општеството со цел постигнување напредок за сите луѓе.
Доколку во иднина се неопходни работници со набројаните вештини, потребно е и лидерските вештини да се совпаднат со тоа. Работодавците ќе мора да научат како успешно да ја управуваат и насочуваат работата на вработените кои не ги гледаат пред себе и кои не седат со нив во канцеларија. Како што изјави професорот Клаус Шваб, германски инженер и економист, основач и претседавач на Светскиот економски форум: “Потребни ни се лидери кои се емоционално интелигентни и кои се способни да ја обликуваат и наградуваат тимската работа. Потребни ни се лидери кои ќе обучуваат, а не командуваат. Тоа се луѓе кои се водени од емпатија, а не од сопственото его. На дигиталната револуција и` се потребна лидери кои ќе го афирмираат водството кое ќе биде одредено со хумани вредности “.