Туристичката организација на сојузната американска држава Калифорнија ја лансираше рекламната кампања “Let’s Play” („Ајде да играме“), како дел од новата бренд платформа “The Ultimate Playground” („Најдоброто игралиште “).
Кампањата го означува првото ребрендирање на Visit California по повеќе од една деценија, кое ќе биде поддржано со медиумски буџет од 32.8 милиони долари за промоција во САД, Канада, Мексико, Обединетото Кралство, Австралија и Кина.
Првиот спот на кампањата прикажува игра од џиновски размери во која луѓе од сите краишта на Калифорнија си подаваат со топка за плажа – инаку калифорниски изум од 1938 година. На забавен и надреален начин, кампањата за само 30 секунди успева да ги претстави најиконичните локации што ги нуди Калифорнија – од старите шуми на северот, преку ридовите на луксузниот Холивуд, до песочните плажи на југот.
„ДНК-та на Калифорнија како славно разиграно место е глобално препозната. Со сончево време во текот на целата година и бескрајни опции за забава, Калифорнија е најдоброто игралиште за посетителите од целиот свет. Оваа нова кампања прекрасно ја доловува оваа уникатност и го поканува светот да дојде да ја изрази својата индивидуална форма на игра во Калифорнија“ – вели Керолин Бетета, претседателка и генерална извршна директорка на Visit California.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција The Shipyard.