Најпогодени од економските импликации на пандемијата на Ковид-19 се секако малите, локални бизниси. Како што постепено се опуштаат рестрикциите на карантинот, така од нас се бара активно да ги поддржиме овие бизниси со цел да можеме да ги уживаме нивните придобивки и во иднина.
Со цел да ги охрабрат граѓаните да излезат и да ги поддржат малите бизниси по нивното ре-отворање, креативната агенција Pablo London создаде ведра принт и outdoor кампања составена од 16 различни креативни решенија, обединети под хаштагот #SupportSmall.
Секоj еден од постерите на хумористичен начин прави споредба помеѓу услугите кои ги нудат малите бизниси и соодветната импровизација која луѓето беа приморани да ја прават во домашни, карантински услови, илустративно покажувајќи ни колку важен дел од нашите животи се всушност малите бизниси.
Постерите се поставени на околу триесетина локации во градот Лондон, а во иднина се планира тие да бидат проширени и на други локации низ Обединетото Кралство.