Националниот ромски центар во партнерство со приватната агенција за вработување МОТИВИ и со поддршка на We Effect имплементираат кампања за подобрување на перцепциите на Ромите за придобивките од вработување.
„Статистичките податоци говорат дека постои голема разлика на пазарот на трудот помеѓу припадниците на ромското и неромското население. Бројот на мажи Роми кои работат во „сивата економија” е речиси трипати поголем од оној на мажи од неромското население. Ова значи дека тие лица немаат социјално, здравствено или пензиско осигурување и не се во можност да ги користат останатите придобивки кои ги носи вработувањето. Состојбата на ромската заедница на пазарот на трудот укажува на низок степен на образование и непоседување на соодветни работни квалификации, кои во комбинација со дискриминацијата, придонесуваат кон низок степен на вработување на Ромите“, велат од ПАВ Мотиви.
Според Националниот ромски центар, Ромите, особено жените и младите, се соочени со нееднаквост и социјалната исклученост при пристапот до пазар на труд. „Целта на нашите заеднички активности со ПАВ МОТИВИ е преку ангажирани теренски фасилитатори во Скопје да ја зголемиме мотивираноста за соработка на невработени Роми со агенциите за вработување, како и да придонесеме кон зголемување на свеста за придобивките од вработување. Активностите на кампањата „Вработување за сигурна иднина!“ се насочени да ги поттикнат Ромите активно да се вклучат на пазарот на трудот како баратели на работа, да се запознаат со бенефитите од вработување, да се регистрираат во податочните бази на агенциите за вработување и да се вклучат во активностите за подобрување на нивните вештини и капацитети за вработливост“, порачуваат од НРЦ.
Кампањата под слоганот „Вработување за сигурна иднина!“ е дел од проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрени способности за вработување и претприемништво кај Ромите, особено кај жените и младите“ поддржан од шведската организација за развој We Effect и шведската агенција за соработка и развој – Sida. Активностите се во рамки на IISEE проектот кој се фокусира на зголемен развој, приходи и вработувања за руралната популација, особено на Ромите, жените и младите на целните пазари. Очекуваниот импакт на проектот е социо-економско зајакната Ромска, женска и млада популација во руралните и семи-урбаните средини.