Актерите Кијану Ривс и Алекс Винтер, познати и како Бил и Тед по нивната заедничка улога во легенданата комедија “Bill & Ted’s Excellent Adventure” од 1989 година, повторно се здружија во новиот промотивен спот на Porsche за електричниот спортски автомобил Taycan.
Во спотот создаден од страна на агенцијата Cramer-Krasselt и продукциската куќа Radical Media, актерското дуо го тестира новиот автомобил на Porsche преку изведбата на разни предизвици по патиштата на јужна Калифорнија, и тоа со само едно електрично полнење.
Спотот е направен во стил на препознатливите автомобилски телевизиски серијали, при што, со доза на возбуда и хумор, од презентерите т.е. актерите можете да ги слушнете нивните непосредни и моментални реакции и размислувања во врска со перформансите на автомобилот.
Очекувано како за промотивен филм, возилото ги надминува очекувања, а Ривс и Винтер дури добиваат и можност да „дрифтаат“ со електричниот спортски автомобил на тест-патеката на Porsche во Лос Анџелес. Како што би заклучиле Бил и Тед – „Excellent!“
Инаку, актерското дуо го имаше своето последно појавување како Бил и Тед на филмското платно во 2020 година, со третото продолжение на серијалот, насловено „Bill & Ted Face the Music“.