Кина донесе ново правило со кое на стотици милиони малолетници ќе им забрани онлајн видео-игри за време на училишната недела, односно ќе им го ограничи времето за играње на само еден час во петок, сабота, недела и државните празници.
Новите мерки имаат за цел да ја спречат, како што велат властите, зависноста од онлајн видео-игри кај младите, која била причината за многу „општествени болести“, вклучително и одвлекување на вниманието на младите од училишните и семејните обврски.
Новата регулација беше соопштена од Националната администрација за печат и публикации. Таа ги опфаќа сите лица под 18 години, а единствениот период од денот во кој ќе можат да го искористат својот доделен час за играње онлајн видео-игри е времето помеѓу 20 и 21 часот.
Сите онлајн видео-игри ќе мораат да се поврзат во систем за „анти-зависност“ со кој ќе управува Националната администрација за печат и публикации. Сите корисници, пак, ќе мораат да се регистрираат со своето вистинско име и со официјални идентификациски документи издадени од властите.
Новото правило стапува на сила од 1 септември.