Светската компанија за бои Pantone верува дека класичната сина, односно бојата со код “Pantone 19-4052”, ќе биде во фокусот на првата година од новата декада.
Класичната сина е опишана како „безвременска и трајна нијанса, елегантна по својата едноставност“ која „ја истакнува нашата желба за сигурна и стабилна основа која ќе можеме да ја надградуваме додека го преминуваме прагот во нова ера“.
Ова е 21-от избор за боја на годината кој го прави Институтот за бои при Pantone, консултантски сервис кој ги предвидува глобалните трендови за боја и ги советува компаниите за боите кои ги употребуваат во нивниот бренд идентитет и производи.
Овогодинешниот избор за прв пат беше објавен на специјален настан за медиумите и инфлуенсерите кој беше организиран со помош на дигиталната агенција Huge и уметничката организација Artechouse.
„Ова е боја со која можеме да се поврземе насекаде околу светот, без разлика каде живееме. Ќе погледнеме надвор од прозорецот и ќе ја видиме оваа боја. Тоа е затоа што оваа боја е толку конектибилна што ни предизвикува удобност и ја прифаќаме. Поттикнува комуникација и чувство на инклузивност. Носи мир и спокојство на човечкиот дух,“ истакнува Лаури Пресман, потпретседател на Институтот за боја при Pantone.
Во соработка со аудио агенцијата Audio UX беше создаден и „официјалниот звук“ на класичата сина, односно звучна дразба која треба да ги пренесе истите чувства како класичната сина боја. Нешто слично, но како мирис, беше направено во партнерство во брендот Firmenich.
Другите брендови кои се вклучија како партнери во кампањата за класичната сина како боја на 2020 година се Adobe Stock, брендот за мебел The Inside, како и компанијата за чај Tea Leaves.
Ова не е прв пат како нијанса сината боја да биде избрана за боја на годината од страна на Pantone. Во првиот избор за боја на годината во 2000 година беше избрана бојата Cerulean, во 2003 тоа беше Aqua Sky, во 2005 беше избрана Blue Turquoise, а во 2008 – Blue Iris.