Секоја година се карактеризира со сет на бои кои експертите тврдат дека се доминантни и во тренд во текот на таа година, без разлика дали се работи за боја на облека, модни додатоци, или пак бои во домот, деловните простории, уредување на ентериери итн.
Производителите на бои и експертите за внатрешен дизајн предвидуваат кои бои ќе бидат во тренд оваа година. За разлика од зелените бои инспирирани од природата во 2022 година, 2023 година ќе биде година на самоизразување. Понесени од фактот дека се повеќе стануваме свесни за тоа колку околината има големо влијание врз нашето ментално здравје, многумина, оваа година преку бои ќе ја изразуваат својата креативност во домот како начин да ги подобрат своите чувства на среќа и благосостојба.
Подолу ќе ви ги претставиме боите кои оваа 2023 година ќе бидат широко рспространети и во тренд.
Розеникаво црвена – Вива Магента
Институтот за бои Пантоне ја избра новата боја која оваа година ќе доминира а тоа е вива магента. Пантоне вели дека оваа боја е уникатна нијанса која ги балансира топлите и ладните тонови. Оваа боја има уникатна нијанса за која не можеме да кажеме дека е само црвена или розова, туку нешто помеѓу. Вива магента е навистина забавна и весела боја. Боите на Пантоне обично го одразуваат она што е популарно во модата, убавината, дизајнот и надворешниот дизајн. Оттука, веруваме дека многу брзо оваа боја ќе стане дел како од модните писти така и во модните додатоци, но и вашиот дом.
Светло зелена – Савана Грин
Повторно, поради потребата од внесување на бои кои се наоѓаат во природата, и поради способноста да ја имитира природата, светлата зелена боја ќе биде често забележана во домовите ширум светот. Експертите веруваат дека уникатните нијанси на зелена, т.н. Савана Грин, ќе биде често застапена како боја на ѕидот. создавајќи простор кој е и смел, енергичен и софистициран во исто време.
Кафена боја
Сите нијанси на кафена боја кои можеме да ги пронајдеме во природата и кои наликуваат на различни видови на дрво, ќе бидат во тренд оваа година. Употребата на нијанси на кафена ќе ги заменат постудените сиви бои кои беа популарни неодамна. Според експертите кафената боја е земјен тон, што значи дека прави да се чувствуваме повеќе поврзани со природниот свет. Кафеавите бои можат да помогнат просторот да се чувствува топол, удобен и сигурен, што е нешто што луѓето сакаат да го внесат во своите домови.
Црвена и портокалова – Raspberry Blush
Оваа година нијансите на црвена и портокалова боја добиваат ново име, а тоа е „Raspberry Blush“ како официјална боја која ќе биде во тренд оваа година. Експертите за внатрешен дизајн годинава користат се повеќе “живи” и смели бои. Во 2023 година се очекува да биде претставен копнежот за смели, интензивни бои и движење кон употреба на бои кои се малку неочекувани, особено што неколку години беа популарни неутрални и пригушени нијанси. Се очекува популарноста на токму оваа несекојдневна нијанса на црвена и портокалова боја да доминира во многу домови оваа година. Тоновите на оваа боја, особено оние црвените и портокаловите кои се поживописни, ни даваат енергија и го подобруваат нашето расположение.
Светло сина
Кога сме кај сината боја за оваа година посебно зборуваме за нијансата наречена Skylight. Оваа нијанса на сина боја експертите ја опишуваат како освежувачка и смирувачка во време кога бараме смиреност, а тоа е деликатна нијанса на сина боја која веќе можеме да ја видиме во колекциите на познатите модни дизајнери оваа година. Оваа нијанса на сино може да се искомбинира на повеќе начини. Не е дел од неутралните нијанси, но не е ни доволно моќна како кафените бои или нијансата вива магента.
****
Ова се само дел од боите кои ќе бидат во тренд оваа 2023 година. Некои од овие бои веќе се забележуваат на модните писти, како и во украсување и декорирање на домовите. Сепак останува на вас и вашиот вкус за бои да одлучите како и дали ќе искористите некои од овие предлози за нијанси и бои.