Во текот на 2020 година, речиси и да нема индустрија што не претрпе големи промени поради пандемијата на коронавирусот. Аналитичката компанија MUSO потврдува дека имало промена во навиките на оние кои нелегално набавуваат забавни и други содржини преку интернет.
Минатата година беше забележана промена во трендовите во онлајн пиратеријата, која што се припишува на пандемијата. Додека луѓето беа затворени во своите домови, растеше побарувачката за дигитална содржина, особено стриминг услугите, а истото се рефлектираше и во побарувачката за пиратска содржина.
Забележан е пораст на нелегалниот стриминг на телевизиски програми и филмови, но, интересно е тоа што во втората половина на годината има зголемување и на дигиталните преземања на книги за дури 13%.
Вкупно, веб-страниците кои нудат пиратска содржина минатата година биле посетени 130 милијарди пати, што значи дека секој корисник на интернет, во просек, посетил една од тие страници 39 пати. Од тоа, повеќе од половина од посетите (65,5 милијарди) беа насочени кон гледање пиратска ТВ-содржина.
Ако погледнеме само на побарувачката за нелегален стриминг, во извештајот на компанијата MUSO се наведува дека 93% од нелегалното гледање телевизија преку интернет дошло преку такви стриминг сервиси. Кај филмовите, нелегалниот стриминг е одговорен за 52% од потрошувачката на пиратска содржина.
Што се однесува до „пиратите“ по земји, САД го презедоа водството минатата година, со 12,5 милијарди посети.
Следат Руската Федерација (8,3 милијарди), Кина (6,9 милијарди), Индија (5,6 милијарди), Бразил (5,4 милијарди) и Украина и Франција (по 4,3 милијарди). Кога се гледа по интернет корисници, до пиратски страници најчесто пристапувале државјаните на Барбадос, Андора, Грузија и Украина – сите со повеќе од 200 посети годишно.