Брендот на мајонез Hellmann’s ја емитуваше својата нова хумористична реклама за време на синоќешното одигрување на американскиот Super Bowl, насловена „Кој е во фрижидерот?“
Одговорот на тоа прашање го добиваме уште во првата сцена, каде ги гледаме минијатурните верзии на актерите Џон Хам и Бри Ларсон во внатрешноста на фрижидер, веднаш до тегла мајонез од Hellmann’s.
Следното прашање кое се поставува во рекламата е зошто тие воопшто се наоѓаат таму? До одговорот стигнуваат двајцата актери, кои сфаќаат дека причината лежи во нивните имиња кои потсетуваат на прехрамбени производи. Имено, Хам како англискиот збор “ham” за шунка, односно Бри како англискиот збор “brie” во значење на меко бело сирење.
Потоа се отвора вратата од фрижидерот и го гледаме „џиновскиот“ Пит Дејвидсон кој им се „заканува“ дека ќе ги изеде, а во следните неколку снимки го гледаме припремањето на вкусен тост со шунка, сирење и мајонез.
Рекламата завршува со сцена во која тројцата актери се наоѓаат покрај шведска маса, сите во природна големина, а Дејвидсон го дава „чудниот“ коментар дека другите двајца се „навистина вкусни“, откако го пробува претходнонаправениот тост.
Оваа хумористична и надреална кампања била создадена со помош на креативната агенција Wunderman Thompson USA и продукциската куќа Moxie.