Во изминативе неколку денови и недели, најактуелен, би рекол, процес, кој се одвива на македонското медиа-маркетинг небо е оној што е насочен кон изборот на агенција за мерење на ТВ рејтинзите, откако Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги одлучи да го раскине договорот со досегашната агенција AGB Nielsen и да започне постапка за избор на нова.
Во меѓувреме беше формирана и Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии (ММА) во која влегоа сите 5 национални телевизии и која иницираше формирање на т.н. комитет на индустријата во чии рамки треба да се овозможи координација на ТВ станиците, маркетинг-агенциите и огласувачите, кој исто така има што да каже при изборот на нова агенција за мерење на ТВ рејтинзите.
Како што се одвиваат сите активности на терен така и од време на време се појавува по некој “фаворит“ за рејтинг агенција во јавноста. Досега се изнаслушавме за барем 3 “сигурни победници“ и неколку комбинации, но во прилог на овозможувањето фер позиција кон сите аспиранти за оваа улога решивме јавно да не “шпекулираме“ за исходот и да ги пренесуваме само официјалните исходи.
Секако, ова не значи дека сме затворени да дадеме простор на сите засегнати и како единствен домашен медиум кој од блиску ја следи медиа-маркетинг индустријата јавно ги покануваме сите кои имаат што да кажат на оваа тема да ни гостуваат со колумна или текст.
Во меѓувреме решивме да направиме еден преглед на агенции кои ги вршат мерењата во соседните земји и таму ситуацијата е следна:
БУГАРИЈА
– Во моментов во Бугарија има две агенции кои ги мерат ТВ рејтинзите. GARB (Gfk Audience Research Bulgaria) и MediaResearch (која дојде пред неполна година).
Претходно исто така беа две, GARB и TNS, ама годинава GARB го купи TNS и пред да влезе MediaResearch едно време беа и сами на пазарот.
Националната телевизија (bTV) ги користи GARB (кои го купија TNS) а најголемата приватна телевизија Нова (дел од шведскиот медиа гигант MTG) ги користи MediaResearch.
СЛОВЕНИЈА
Состојбата со Словенија со која толку многу сакаме да се споредуваме (а пазарите ни се небо-земја) е следна:
Рејтингот на ТВ станиците таму го мери AGB Nielsen кој најмногу им наплаќа на ТВ станиците (околу 80% од приходите) а на агенциите им наплаќаат во зависност од нивниот промет на ТВ станиците, кој го мерат на начин, да гледаат нивните клиенти.
Ако на пример клиентот XY потроши 5.000 GRP годишно, цената е XX.
Ако клиентот потроши 10.000 GRP цената е повисока итн..
Колку е голема оваа “играчка“ ваму, доволна е бројката од околу 2,3 милиони евра приход – колку што Нилсен оствариле во 2013 година.
Најголемите две медиа агенции во Словенија плаќаат помеѓу 60-80.000 евра годишно, а помалите значително помалку.
ХРВАТСКА
Во Хрватска, исто така, постои само еден провајдер на телеметрика – AGB Nielsen. Методологијата е пиплметри.
Услугата се плаќа по принципот на rate card и одреден попуст. Rate card-от е направен по степени кои се одредуваат врз основа на агенциското портфолио на ТВ клиенти/огласувачи, а по број на GRP во комбинација со insertion.
Агенциите плаќаат на 12 месечни рати.
БОСНА и ХЕРЦЕГОВИНА
Во БиХ во моментов работат две агенции Mareco Index Bosnia (MIB) и Nielsen. Ниелсен е доминантна агенција на пазарот.
Цените варираат. Орентациона цена за ТВ станиците е околу +/- 2.000 евра за детален извештај за гледаноста и помеѓу 400 и 1000 евра за ад-хок поедноставни извештаи.
СРБИЈА
Во Србија мерењата исто така ги врши AGB Nielsen. Методологијата е пиплметри.
Нивниот ТВ пазар се цени на некои 85 милиони евра за кои се натпреваруваат 278 тв станици (6 национални).